| четврток, 6 декември 2018 |

Обединување околу националниот интерес е прв принцип во Манифестот за единствена Република Македонија

ВМРО-ДПМНЕ преку Манифестот за единствена Република Македонија повика за национално обединување на сите граѓани, верски организации, партии, општествени фактори.

Прв принцип е обединување околу националниот интерес, втор принцип е интеграција во едно општество, трет принцип е владеење на правото за успех на државата и четврт принцип е пазарна економија за подобар стандард на секој граѓанин.

Обединување околу национален интерес

Национален дијалог

-Воспоставување редовен дијалог меѓу секоја власт и опозиција за прашања од национален интерес. Дијалогот да се одвива и решенијата да се наоѓаат секогаш во рамки на институциите на републиката, од страна на претставници што се избрани од граѓаните. Истото е најефикасна заштита од надворешни влијанија или реализација на агенди што не потекнуваат од заедничкиот интерес на македонските граѓани – рече Попоски.

Идентитет

-Зачувување и промоција на националниот, културниот и на јазичниот идентитет на Македонците во земјата и надвор, како и обединет настап против недемократските притисоци со цел негово негирање, секаде каде што тоа е случај. Зачувување и промоција на идентитетот и посебностите еднакво на сите наши граѓани Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и други. Разновидноста на сите овие култури е нашето најголемо богатство, кое сите треба да го негуваме.  Негување на изворното и на тоа што им припаѓа на сите – нашиот јазик, обичаи, песни, историја, милениумската традиција на писменост и традициите на нашата книжевност и уметност – изјави Попоски.

ЕУ и НАТО

-Членството во ЕУ и во НАТО е наш интерес и обединувачка цел, каде што природно припаѓаме. Република Македонија ја гледаме духовно и културно сплотена во заедницата на европски народи, како институционално, така и економски интегрирана во Европската унија. Со цел да обезбеди поефикасна прекугранична соработка во соседството, корисно е формирање европски регион меѓу Република Македонија и соседните земји за подобро користење на фондови на ЕУ, особено во делот на зачувување на природата, водите и транспортните коридори – рече Попоски.

Право наспроти сила

-Признавање на македонската национална самосвест и јазична посебност од европските и на меѓународните институции, врз база на гаранциите од Европската конвенција за човекови права и Универзалната декларација за човекови права, кои мора неселективно да важат за сите. Тоа е предуслов за надминување на наметнатата разлика околу името. Разликата се наведува како причина за блокада на патот кон членство во ЕУ и во НАТО. Оттука, може да се надмине единствено  како дел од пристапниот процес, врз база на здобиеното право на Унијата и меѓународното право, вклучително и пресудата на Меѓународниот суд на правда во 2011 година – изјави Попоски.

За името

-Нема да се прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име Република Македонија. Нема да прифатиме идеи и предлози што би го загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација и македонскиот јазик. Нема да дозволиме кое било решение да биде прифатено од страна на политичари и поединци, Влада или Собрание, без претходно за тоа да се изјаснат македонските граѓани на референдум, а притоа мнозинството граѓани што ќе излезат на рефендумот да се согласат со можното решение – изјави Попоски.

Заедно против заканите

-Обединување против секоја политичка структура или поединци што поттикнуваат раздор или радикализам од верска или национална природа, но и против тие што охрабруваат на кој било начин екстремна идеологија или, пак, регрутираат борци во терористички организации, било да се од домашно потекло или да се странци на териотријата на Македонија – рече Попоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top