| четврток, 6 декември 2018 |

Денеска Србија избира претседател: Ова се кандидатите

Денеска Србија одбира претседател. На овие избори, право на глас имаат 6.724.949 гласачи, кои ќе можат да гласаат на 8.396 гласачки места. Гласачите од Србија во Велика Британија, Канада и САД гласаа вчера, додека во другите држави гласањето ќе биде спроведено денеска.

Правилата за известување се исти како во Македонија. Денеска, од 7 до 20 часот, дозволено е објавување извештаи за тоа каде гласале кандидатите, но не и нивни изјави. За време на изборниот молк дозволено е објавување информации за излезноста на граѓаните и спотови на надлежните тела и невладините организации, во кои граѓаните се упатуваат во кое време и на кој начин можат да гласат.

Србите бираат помеѓу овие кандидати

1. Саша Јанковиќ (предложен од група граѓани)

2. Вук Јеремиќ (група граѓани)

3. Мирослав Паровиќ (Народно слободарско движење)

4. Саша Радуловиќ (Доста беше)

5. Лука Максимовиќ (група граѓани)

6. Александар Вучиќ (Српска напредна партија и други партии од владејачката коалиција)

7. Бошко Обрадовиќ (движење Двери)

8. Војислав Шешељ (Српска радикална партија)

9. Александар Поповиќ (Демократска партија на Србија)

10. Милан Стаматовиќ (група граѓани)

11. Ненад Чанак (Лига на социјалдемократите на Војводина).

Гласачкото ливче ќе биде печатено на повеќе јазици. Ливчето со една или две јазични варијанти ќе биде на А4 формат, а со три, четири или пет јазични варијанти на А3 формат. За претседател на Република Србија ќе биде избран кандидатот кој ќе добие мнозинство од гласовите на гласачите што гласале. Ако ниту еден кандидат не добие мнозинство, вториот круг на изборите се одржува во рок од 15 дена. Во вториот круг од изборите учествуваат двата кандидати кои добиле најголем број гласови, при што на гласачкото ливче прв ќе биде кандидатот кој на првото гласање добил најмногу гласови. За претседател на Србија ќе биде избран кандидатот кој во вториот круг ќе добие најголем број гласови.

Мандатот на претседателот на Република Србија трае пет години со право на уште еден реизбор.

Според досегашните анкети, фаворит е Александар Вучиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top