Од годинашната жетва на пченицата се очекуваат повисоки приноси и подобар квалитет. За откупната цена сѐ уште е рано да се зборува, вели Николчо Георгиев од Здружението на мелничко-пекарската индустрија, но поради зголемените количини се очекува нејзино намалување.
– Цената ќе зависи, пред сѐ, од цената во соседството и од количините што ќе бидат понудени. Наш став е дека треба да биде слободна зашто станува збор за пазарна економија- рече Георгеив, додавајќи дека преработувачите веќе ги доставиле до Владата своите предлози во врска со претстојната жетва.
Производителите, пак, имаат свои пресметки заради кои ќе бараат минимум 15 до 16 денари за килограм.
– Поради зголемениот род, кој според проценките ќе достигне 4 тони на хектар, можно е намалување на откупната цена на пченицата, но со оглед дека производните трошоци се зголемени, ќе се држиме до ланските 15-16 денари – вели Сашко Радуловиќ, земјоделец од Скопско.
Во однос на увозот на брашно и пченица, мелничарите велат дека ако се размислува за воведување ограничувања, тоа треба да биде час поскоро.
– Моментно во земјава влегуваат огромни количини брашно од Србија и се прават големи резерви кои нема да се потрошат до Нова година. Затоа ќе нема потреба од откуп на домашна пченица – додава Георгиев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.