Реализацијата на тиранската платформа значи почеток на Голема Албанија, вели Иван Стоиљковиќ, претседател на Демократската партија на Србите во Македонија (ДПСМ).
Тој, во изјава за српскиот весник „Политика“, потенцира дека во актуелната политичка криза со која се соочува Македонија, многу е важно да не се дозволи реализација на тиранската платформа.
„Оваа платформа, направена во една странска земја, ги осудува Македонците и Србите за наводен геноцид врз Албанците во периодот од 1912 до 1956 година. Српскиот народ во Македонија ќе се најде во невозможна ситуација доколку ваквото наводно тврдење се прифати како вистинито. Исто така, и Србија ќе биде доведена во тешка позиција“, вели Стоиљковиќ.
Според него, Македонија се наоѓа во невозможна мисија и се врти во круг.
„Сѐ е спорно, дури и интегрираниот граничен премин кон Албанија и Косово, за кој не се говори често, промена на државните симболи, воведувањето на албанскиот јазик во Уставот што е вовед во федерализација на земјата“, додава Стоиљковиќ.
Со остварување на барањата наведени во албанската платформа, додаде тој, ќе се создаде бинационална држава во која нема да има место за припадниците на помалите нации, Србите, Турците, Ромите и Македонците ќе биде во ситуација која би можела да се спореди со позицијата на босанските муслимани – Бошњаците во сегашна БиХ.
„Најмногу што може да се добие од целата ситуација е повик за нови избори. Но, никогаш не можете да знаете на што сте кога си имате работа со „пријателите од Западот“. Нивните стратешки интерес е да ја завршат работата со Албанците, да се реши проблемот со името, и да се втурне земјата во НАТО. Но, како ќе им биде на македонските граѓани во оваа земја ним не им е важно. Затоа, на ова има реакција – ерупција од незадоволство“, вели Стоиљковиќ.
Според него, најавената посета на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, има цел да се изврши дополнителен притисок врз македонскиот претседател да го додели мандатот на лидерот на СДСМ. Столилковиќ смета дека претседателот Ѓорге Иванов нема да се согласи на тоа.
По посетата на Туск, додава Стоиљковиќ ќе следи дополнителна дипломатска артилерија и веројатно како начин за излез од сегашниот лавиринт, нови парламентарни избори заедно со локалните.
Сето тоа под услов да не се случи некој исцениран инцидент што може да го промени текот на политичките настани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


