| четврток, 6 декември 2018 |

Новата концертна сала на Македонската филхармонија ќе се отвори во мај

Денеска на прес-конференција пред новата зграда на Филхармонијата во присуство на министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, и директорката на Македонската филхармонија, Маја Чаначевиќ, и вработените во Филхармонијата, беше најавено завршувањето на проектот од програмата на Владата на Република Македонија и Министерството за култура, кој има исклучително значење за македонската култура и за нашата држава воопшто.

-Би сакала да ве информирам дека во мај,  по цели 73 години од своето постоење, Македонската филхармонија, најстарата институција од областа на  музичко-сценската дејност во Република Македонија, конечно ќе добие свој дом.  Македонската филхармонија ќе добие  нова  концертна сала на чијшто подиум ќе се испишува македонската музичка историја, ќе се презентираат креативните и творечките потенцијали на нашите уметници, музичари, композитори, диригенти, на странските ансамбли и гости – истакна министерката Канческа-Милевска.

Досега Македонската филхармонија концертираше во салата на Домот на Армијата за која редовно се издвојуваа средства за кирија и за останатите потреби кои беа поврзани со санацијата на оваа сала. Оттука во Министерството велат дека „сметавме оти  Македонската филхармонија  како институција која  во изминатите седум децении го градеше достоинството на македонската  музичка култура и го прослави името на нашата држава низ сите светски меридијани заслужува еден современ дом, концертна сала изградена по сите светски стандарди  во која уметниците ќе можат на еден достоинствен  начин да ги презентираат своите уметнички  потенцијали кои не издвојуваат во европскиот културен простор.

DSC_0031

-Новиот објект на Македонската филхармонија кој е изграден по идејното решение на архитектот Виктор Михајлов и е разработен  како основен и изведбен проект од  проектантската куќа Македонија проект,  се протега на површина од 12.400 метри квадратни и истиот се одликува со модерен изглед и архитектонски и акустични карактеристики по сите светски стандарди, рече Канческа-Милевска.

Физичката локација на оваа комплексна сала го потенцира идеалниот триаголник со институциите од областа на музичко сценската дејност во нашата држава  кои се наоѓаат во непосредната близина на Македонската филхармонија, а тоа се  Македонската Опера и Балет и Факултетот за музичка уметност.

-Новиот објект располага со две сали,  голема сала со капацитет  1.000 места и мала, повеќенаменска сала со капацитет од 310 места од кои 168 се фиксни седишта, 110 се телескопски и 32 се мобилни седишта. Големата сала  располага со најсовремени сценско технолошки системи што објектот го позиционираат во врвот на објектите од овој тип. Материјалите кои се употребени во големата сала и архитектонската пластика овозможуваат врвна акустика во која верувам дека ќе уживаат сите посетители. Во составот на големата сала е содржано и студио со режија, опремено со комплетна,  современа аудио и видео техника која ќе се користи за продукција и снимање на музичките настани.   Во објектот се обезбедени сите предуслови за подготовка на програмата на институцијата, изградени се посебни простории  за вежбање на солистите и индивидуалните групи, како и придружни и административни простории, сите функционално поврзани на три нивоа.   Објектот поседува  и  кафетерија,  музичка продавница и паркиралиште за вработените. Со посебно внимание би сакала да ја издвојам атрактивната влезна партија во објектот  и челичната покривна конструкција, која е многу специфична и е составена од два дела кои се обединети преку дополнителна просторна решетка со закривена форма и променлива ширина. Сакам да потенцирам дека ваква покривна конструкција  досега  не е изведена во Република Македонија. Објектот плени и  екстериерно и ентериерно и  во целиот процес на градбата  се испочитувани сите програмски цели и барања на вработените во Филхармонијата.   Во оваа прилика  би сакала да напоменам  дека е набавена и комплетно нова опрема за музичарите, столчиња во зависност од типот на инструментот, стативи и држачи за инструментите, посебни шкафови  за одлагање и чување на инструментите, држачи за партитурите и светлосни тела за истите.  Во тек е и набавка на нов инструментариум (оргуља, концертно пијано, харфа, контрабаси, удирачки инструменти и друго) со што ќе се овозможи поквалитетна изведба на музичките дела од македонската и светската литература, истакна Канческа-Милевска.

Оркестарот на Македонската филхармонија во изминатиот период беше подмладен со нов уметнички кадар, беа реализирани голем број на вработувања (51 вработување на уметнички и административен кадар во периодот од 2007-2015 ), а исто така беше направен и сериозен исчекор во валоризацијата на уметничкиот труд, со зголемувањето на месечните примања на музичарите.

-Уверена сум  дека целата јавност и македонските уметници и музичари во Македонската филхармонија со големо нетрпение го очекуваат  отворањето на новиот објект. Со големо задоволство ќе ве информирам дека овој  свечен чин, на 21 мај, ќе биде одбележан со еден ексклузивен концерт на Македонската филхармонија, со која како солист ќе настапи  нашиот  светски етаблиран пијанист Симон Трпчески под диригентско водство на еден од најпрестижните и најбараните диригенти на сите времиња, маестро Владимир Ашкенази. Маестро Ашкенази кој е добитник на неколку Греми награди, има исклучителна репутација, обезбедена низ различноста на одличните уметнички изведби, потврдени со позитивните критики и највисоките оценки во светските медиуми, информираше Канческа-Милевска.

На програмата ќе биде изведено дело   на еден од основоположниците на македонската музичка култура, еден од основачите на Македонската филхармонија, Трајко Прокопиев, како и дела на руските композитори Сергеј Прокофјев и Петар Илич Чајковски. Не  очекува концерт за паметење, концерт кој ќе остане запишан во историјата на македонската култура.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top