| четврток, 6 декември 2018 |

Барањето за отфрлање на тиранската платформа за СДСМ е „силување“ на парламентот (ВО ЖИВО)

Собранието на Република Македонија и денеска ја продолжи конститутивната седница на која се дебатира за избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата. (Седницата можете да ја следите во живо на ЛИНКОТ)

Седницата почна со серија процедурални забелешки на различни теми, поради што беа давани неколку паузи. За дискусија се пријавени 51 пратеник, а во изминатите три дена само тројца го искористија правото на збор.

Пратениците од ВМРО-ДПМНE повторно побараа да се каже што е договорено со ДУИ и СДСМ да се откаже од тиранската платформа, а како единствен излез од политичката криза го посочија одржувањето предвремени парламентарни избори заедно со локалните. Нивните колеги од СДСМ, пак, побараа да се престане со кршење на Деловникот и со „силувањето“ на парламентот.

Дамјан Манчевски од СДСМ во процедурално обраќање посочи дека посотојано се крши Деловникот и додаде дека уште на 30 декември минатата година било испланирано сценариото за одолжување што се спроведува на седницата, кога, како што рече, Трајко Вељаноски беше одреден да претседава со Собранието, место најстариот пратеник, како што беше практика досега.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ побара што е можно поскоро во јавноста да излезе законот за јазици што го договориле СДСМ и ДУИ и додаде дека како што Албанците во Македонија бараат да се почитуваат нивните права, така бараат и Македонците, Турците, Бошњаците, Власите, Ромите,…

Во реплика Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека е недозволиво некој пратеник да не ја почитува химната на Македонија и да не станува во нејзина чест.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top