Aко до пред една година Талат Џафери за Зоран Заев беше бесрамен лажго, кој на отворена сцена ја манипулира јавноста со невистини, денес тој Талат Џафери од истиот тој Зоран Заев е претставен како искусен човек со капацитет, кој ќе внел нов дух во Собранието.
Имено, во октомври 2015 година, Зоран Заев го отфрли како неточно тврдењето на Талат Џафери дека предлог-законот за забрана на поседување и објавување на прислушуваните материјали бил доставен и за него знаеле од СДСМ.

– Со почит кон господинот Џафери, ќе кажам дека тој бесрамно излажа. Може да ме демантира. На крајот, постои и неутрална страна како амбасадорот Бејли, амбасадорот Орав и господинот Питер Ванхауте, кои може да кажат што, навистина, било, предлог-законот на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ е спроведување цензура слично како во најстрогите режими – изјави тогаш Заев.

Пред само два дена или, поточно, една година и пет месеци од оваа изјава, за Заев Џафери сега е човек со капацитет, кој го знаел парламентот, имал искуство и ја знаел парламентарната демократија.
– Господинот Џафери поседува најголемо искуство во работењето на парламентот и верувам дека има одлични шанси точно и тој да биде. Јас сум демократ човек, сакам заедно сите аргументи да ги ставиме на маса. Мене ми е важно сите потенцијални партнери да имаат унисоно гледање, да пееме во исти хор, на еден исти начин. Мене ми е важно, а и на мојата политичка партијата да биде човек со капацитет, кој го знае парламентот, кој има искуство, ја знае парламентарната демократија – изјави Заев во своето гостување во дневникот на „Канал 5“ завчера.
Дека Заев лаже е одамна потврдено. Следственото прашање, кое сосема легитимно се поставува, е кој Заев лаже? Дали Заев од октомври 2015 година, кој дека Џафери е „бесрамен лажго“ или, пак, Заев од март 2017 година, кој вели дека Џафери е „човек со капацитет“?
Дали Заев е навистина растроен и не знае што говори или притисокот и уцените врз него се толкави што самиот мора да лиже онаму каде што плукал?
Дополнително, не само што Зоран Заев жестоко го напаѓаше Талат Џафери, туку и медиумите под контрола на СДСМ/Сорос ја користеа секоја можност за да го омаловажат и да му докажат каде му е местото. Па така, речиси сите Соросови медиуми пишуваа дека Талат Џафери бил кривично осудуван, нарекувајќи го контроверзен човек, кој бил осуден на казна затвор за спречување полицаец во вршење на неговата работа.
По инцидентот во Тетово, како што објавија медиумите на СДСМ, Џафери ја напуштил Македонија, но бил уапсен на враќање на влез во државата, на граничен премин со Косово. Бил задржан седум дена во притвор, од кој бил ослободен на 20 мај 2008 година.

По сето ова, се добива впечаток дека ветувањето за реализација на тиранската агенда станува сè потолема обврска и поголем товар на грбот на Зоран Заев и на СДСМ. Прашање е уште колку вакви срамни договори ќе мора да проголтаат и Заев и СДСМ само за да се дограби до власт и на тој начин да се спасува од одговорноста.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


