| четврток, 6 декември 2018 |

Собранието ќе ја продолжи конститутивната седница

sobranie-7-640x294

Собранието на Република Македонија денеска ќе ја продолжи конститутивната седница за избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата. На дневен ред на седницата е и изборот на претседател на Собранието на Република Македонија.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ вчера во своите излагања бараа да се почитува волјата на мнозинството при изборот на претседател на Комисијата и на Собранието кои, како што посочија, секогаш доаѓаат од победничката пратеничка група.

Во вчерашната расправа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дискутираа за т.н. тиранска платформа и порачаа дека се за унитарна, мултикултурна и напредна, а не федерализирана, бинационална и двојазична држава. Според нив, прифаќањето на платформата е постизборен инженеринг со кој се изигрува волјата на мнозинството.

Во однос на составот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, според претходно договореното од политичките партии, ВМРО-ДПМНЕ ќе има шест члена, СДСМ пет, а ДУИ и БЕСА по еден член.

Утврдувањето на предлогот за состав на Комисијата за прашања на изборите и именувањата е предуслов за продолжение на конститутивната собраниска седница која почна на 30 декември 2016 година, но беше прекината бидејќи не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на законодавниот дом.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top