| четврток, 6 декември 2018 |

СДСМ со 20 потписи го предложи Талат Џафери за претседател на Собранието

Пратеничката група на СДСМ денеска поднела барање до Собранието за избор на претседател на парламентот со поддршка од дваесет пратеници бидејќи, како што изјави пратеникот Петре Шилегов на прес-конференција во законодавниот дом, дискусијата по точката за избор на претседател и членови на Комисијата за прашања на изборите и именувањата е веќе беспредметна.

Потврди дека нивен кандидат за претседател на Собранието е Талат Џафери од ДУИ.

– Единствена улога на таа комисија беше на Собранието да му предложи кандидат за претседател на Собранието. Бидејќи е беспредметно, нема потреба ниту да се одлучи или да се дискутира понатаму за оваа точка – појасни Шилегов.

Изборот на Албанец за претседател на Собранието е еден од условите во тиранската платформа, создадена во Тирана од албанските партии и Еди Рама и прифатена од СДСМ со единствена цел да се укине македонската државност.

Според Уставот, претседателот на Собранието е втор човек во државата и заменик-врховен командант, што значи дека во отсуство на претседателот Ѓорге Иванов, Талат Џафери, ќе ја води државата и ќе биде врховен командант на вооружените сили на РМ.

Прифаќајќи двојазичност на целата територија на Македонија, СДСМ му овозможува на поранешниот командант на ОНА државата да ја води на албански јазик, во Собранието да се обраќа на албански и седниците да ги води на албански.

Од друга страна, тоа значи дека албанскиот јазик на голема врата ќе стане официјален јазик на целата територија на државата со заобиколување на гласањето, за што е потребно двотретинско мнозинство. Со тоа почнува примената на албанскиот јазик како втор службен јазик на целата територија на државата, и отвора пат кон спроведување на останатите точки од тиранската платформа.

Ваквиот арогантен чекор на СДСМ и албанските партии, кој претставува погазување на волјата на мнозинството граѓани што не гласале за платформата од Тирана, може да доведе до уште помасовни протести во целата земја.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top