| четврток, 6 декември 2018 |

Милошоски: Собранието треба да биде водено од човек што нема намера да направи ревизија на Охридскиот рамковен договор

Во 2001 година го направивме рамковниот договор, за кој и меѓународната заедница и тука во Македонија се согласивме дека е договор за мир и стабилност и дека е конечен договор којшто е преточен во Уставот и треба да биде почитуван. Секоја понатамошна ревизија на Охридскиот договор отвора нови ризици, создава нова напнатост, отвора нова меѓуетничка недоверба и Пандорини кутии во кои може да влезе стабилноста на Македонија.

Ова на денешната собраниска седница го порача пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.

Според него, Собранието треба да биде водено од човек кој нема ниту изразени ниту скриени намери да направи ревизија на Охридскиот рамковен договор, а со тоа и на Уставот.

-Комисијата кога ќе расправа, треба да има предвид уште едно актуелно прашање, коешто не е актуелно само денес, туку ќе биде актуелно и во следните година дена и во следните 10 години. Каква Република Македонија сакаме? Каква Македонија сака да види тој човек што сака да седи на челната позиција на Собранието? За граѓаните на Македонија и за стабилноста не е добро и не е продуктивно доколку од едно мултиетничко општество, насилно со надгласување, со оставање на мнозинството Македонци во опозиција се обиде да направи бинационала држава – посочи Милошоски.

Потенцира дека бинационалните држави имаат латентна нестабилност, а Македонија ја избегнала таа нестабилност во 2001 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top