Роден на: 2 декември 1957 година во Виена
Образование: Универзитет во Виена
Партија: Австриска народна партија
Еврокомесарот за соседска политика, кој ја извршува таа функција од 2014 година, докторитал на Виенскиот универзитет во 1987 година. Првото работно искуство му било во менаџерскиот свет, извршувал раководни функции во нацонални организации, а од 1997 до 2003 година бил член на Надзорниот одбор на моќната компанија „Новоматик“, компанија која е во казино бизнисот, но и во технолошката гранка на производство на софтвер за казина.
Во политиката е активен уште од младоста. Од 2007 до 2010 година бил министер за наука, а бил и министер за правда. Потоа станува фактор во меѓународната политика. Од 2010 до 2014 е коемсар за регионалната политика, а од 2014 е назначен за комесар за соседска политика.
Истата година кога тој е назначен за еврокомесар за соседска политика, оваа компанија го купува македонското казино „Фламинго“. Некои од медиумите одеа уште подалеку, тврдејќи дека Хан всушност бил сопственик во сенка на „Новоматик“, други пак зборуваа дека поседува акции во ова казино, но и дека е поврзан со казината и обложувачниците „Сенатор“ и „Астра“.
Дали е оваа информација клучна во овој текст или е вишок, секако ќе покаже времето, а она што е повеќе од потребно е да се истакне неговото очигледно приосуство на македонската политичка сцена.
Насмеан, расположен, со видлив оптимизам, човек кој доаѓа да си замине со завршена работа. Таков впечаток остава секоја негова фотографија направена на оваа земја, македонска. До последниов албум „Скопје, 21 март 2017“. Насмевката му ја скисели пораката од претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, „Не ме чекај, не доаѓам“. Не се навикнати овие комесари, европратеници, емисари или поштари кои доаѓаат од белосветската Европа да наидат на тврд орев. Се одважил некојси Ѓорге да не го прими великиот емисар европски.
Епа, комесаре, се одважил. Тој некојси Ѓорге е претседател на Република Македонија, а таа некоја си Македонија има народ со високо крената глава и исправена кичма. Му порача претседателот на Македонија – сретни се со народот, а тој кришум во мерцедесот и на задна врата.
Времето беше фактор, па претседателот му создаде време, но ни за тоа време комесарот не најде време. Нејсе. Народот е тука, а Хан сигурно повторно ќе дојде. И нека доаѓа – народ има за да го пречка. Добредојдени се гостите во нашата куќа, а куќа како куќа – редот го кажуваат домаќините, му порачаа 250.000 гостопримливи Македонци на Јоханес од Австрија. Но, не се навикнати овие белосветски емисари да слушаат, туку доаѓаат да спроведуваат, навредуваат и да наредуваат. Ајде, комесаре, нареди му народот да се самоуништи!
Пред почетокот на средбите со политичките претставници твитер-мералклијата твитна: „Почнаа разговорите. Итно е потребна нова влада за да спроведе реформи. Нема време за губење! Европскиот пат е отворен за Скопје по последниот Совет на ЕУ, но часовникот отчукува. Потребно е лидерство наместо тактизирање. Економијата страда“.
По завршувањето на средбите со лидерите на политичките партии евркомесарот Јоханес Хан и европратениците Едвард Кукан, Кнут Флекенштајн и Иво Вајгл оставија писмено соопштение во кое ги презентираат ставовите на ЕУ по оваа посета на Скопје наместо да одржат прес-конференција, како што беше закажано.
Во писменото соопштение тие го повторуваат ставот на ЕУ дека „сите лидери во земјата, вклучително и претседателот, мора да се почитуваат резултатите од последните избори“. Иако не покажаа почит кон граѓаните на Република Македонија кои побараа средба со комесарот и европратениците, „во интересот на граѓаните и државата“ очекуваат сите политички лидери и институции да дозволат демократските процеси непрекинато да течат.
Тие го повикаа уште еднаш претседателот да постапи против своите убедувања дека со Тиранската платформа се нарушува суверенитетот на Македонија и да го додели мандатот на партии кои не се оградиле од платформата создадена во туѓа држава, во кабинетот на премиер на друга држава.
„Повикуваме на брзо формирање на нова влада која што ќе ги имплементира реформите. Од партиите и од новата влада се очекува да продолжат со имплементирање на сите делови од договорот од Пржино. Особено ги повикуваме сите да се воздржат од акции и изјави кои што би можеле да ги разгорат меѓуетничките тензии и да ги поткопаат добрите меѓусоседски односи. Никој не смее да си игра со оган. Слободата на здружување и слободата на изразување се фундаментални права во демократските општества, но тие доаѓаат и со обврски.“
Комесарот Хан и европатениците ја осудија, како што велат „негативната реторика насочена кон меѓународната заедница и организациите од цивилното општество“ како контрапродуктивна, која ја поткопува позицијата на земјата на меѓународен план и на лицата кои што се користат со таква реторика.
„За крај, во следните неколку дена сакаме да видиме сериозно и одговорно државничко однесување на релевантните институции и да се овозможи брзо формирање на нова и цврста коалиција. Тоа е единствениот начин за враќање на патот кон ЕУ – кој што граѓаните го сакаат и заслужуваат“, се вели во заедничкото соопштение на еврокомесарот Јоханес Хан и европратениците Едвард Кукан, Кнут Флекенштајн и Иво Вајгл.
Државничко однесување виде и допрва ќе гледа, а жешкиот оган што го пече е во неговите раце, не во нашите. И ние истото му го порачуваме, кој со народ си игра, ќе се изгори.
Текстот е објавен во рубриката „Личност на неделата“ во 238 број на неделникот „Република“, кој излезе од печат на 24 март 2017 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.