| четврток, 6 декември 2018 |

Вајгл демантира: Никогаш не сум рекол ништо за Груевски и јас никогаш не ја редуцирам вината на одредено име

Известувачот за Република Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл, демантира дека тој за некој медиум изјавил нешто во врска со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, или дека пренесувал нешто што Груевски му го кажал нему при нивната последна средба во Скопје.

Во телефонски разговор од неговата родна Словенија, Вајгл за МИА децидно негира дека воопшто споменувал некого индивидуално во однос на македонската политичка криза, или дека пренесувал што Груевски некогаш му кажал, како што пишуваа некои медиуми.

Вајгл истакнува дека се што кажал и е јасно и доспапно и потенцира дека останува на неутрално ниво во однос на внатрешните разлики во Македонија.

„Јас како човек никогаш не персонифицирам одговорност и не се плеткам во македонската политика со прозивки на некои имиња и луѓе. Не знам да ја редуцирам вината на некое одредено име. Јас не зборував за тоа. Зборував за тоа дека Македонија мора да ја доживее својата катарза на сопствената политика и патот за натаму е и преку тоа што го прави Специјалното обвинителство. Доколку се утврди низ правосудството, дека постои некаква индивидуална одговорност на било кого, тогаш тој се разбира дека ќе мора во правната држава за тоа да сноси консеквенци“, вели Вајгл.

Претходно од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение побараа словенечкиот европратеник или да се огради од невистините и да ги демантира како негова изјава доколку не ги кажал, или да се извини за политичките манипулации со кои што ја доведува јавноста во заблуда заради остварување на нечии агенди. Од партијата бараат Вајгл и да ја осуди Тиранската платформа и мешањето на соседни држави во внатрешните работи на Македонија.

„Главниот акцент на разговорите со господинот Вајгл и останатите европретставници беше ставен на неопходноста од нови предвремени парламентарни избори како најдобар начин за излез од актуелната криза. Распишувањето на нови избори ќе даде најдобар одговор што мислат граѓаните за постизборното коалицирање врз база на тиранската платформа и изигрувањето на волјата на мнозинството Македонци и граѓани на Македонија, кои ја поддржаа програмата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за подобра Македонија“, побараа од ВМРО-ДПМНЕ.

Иако Вајгл демантираше, од СДСМ и денеска во свое соопштение се повикаа на ваквата изјава на европратеникот што ја пренесе Ал Џезаира, а била дадена на Вајгл за Анадолија. Во изјавата, наводно, европратеникот истакнал дека Груевски на средбата рекол оти не му се одело во затвор и ќе одел до крај.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top