| четврток, 6 декември 2018 |

Хелен Кларк: Преспа е совршен пример на „тројна победа“ за одржливиот развој

Во Кинотеката на Република Македонија синоќа се одржа светската премиера на документарниот филм „Езеро од јаболка“ во Скопје, во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска.

Филмот зборува за резултатите од долгогодишните напори на Програмата за развој на Обединетите нации и општината Ресен за намалување на загадувањето на Преспанското Езеро, кои се финансиски поддржани од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка.

– После петнаесет години работа и петнаесет милиони долари инвестиција среќни сме што виталните функции на Преспанското Езеро се обновуваат, благодарение на промената на начинот на кој земјоделците ги одгледуваат своите култури, намалувањето на внесот на загадувачки материи од различни извори и подобрувањето на управувањето со ресурсите“, изјави генералниот потсекретар на Обединетите нации и Администратор на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Хелен Кларк во нејзиниот воведен говор.

Кинотека1

Според информација од УНДП, последните истражувања покажуваат дека најголемиот дел на земјоделците во Преспа имаат усвоено модерни производни практики, како што се фертиригацијата, методи за контрола на употребата на пестициди и подобрување на карактеристиките на почвата со примена на органски ѓубрива. Како резултат на тоа значително е намалена употребата на пестициди, вештачки ѓубрива и вода за наводнување.

Изградени се, посочуваат од УНДП, нови канализациски системи и пречистителни станици, со што огромни количини на отпадни води што претходно завршуваа во езерото сега добиваат соодветен третман. Илјадници тони на отпадно јаболко и други типови на органски отпад, кои, во отсуство на други алтернативи, исто така завршуваа во водните тела, сега се трансформираат во висококвалитетен компост – со помош на постројката за компостирање.

Ова намалување на внесот на загадувачки материи во езерото, овозможи да се спречи деценискиот тренд на нарушување на неговата еколошка состојба и да отпочне процесот на негово обновување, што се потврдува со редовните контроли на квалитетот на водите, посочуваат од УНДП.

– Ова е чиста победа за природата. Автохтоните видови риби се враќаат со подобрувањето на квалитетот на водата. Но, ова е исто така победа и за локалното стопанство, бидејќи сега земјоделците имаат поголеми приноси и подобар квалитет, а сето тоа се постигнува при помали трошоци, додаде Хелен Кларк.

Од УНДП наведуваат дека проектот е исто така од непроценлива важност за локалната самоуправа. Локалните капацитети се на нивото потребно за успешно соочување со идните предизвици и одржување на импулсот на одржливиот развој на долг рок.

– Ова е одличен пример на „тројна победа“ за одржливиот развој која ние во УНДП се обидуваме да ја постигнеме секаде каде што работиме. Ова искуство УНДП ќе продолжи да го користи во многу други земји во светот кои се соочуваат со слични предизвици на својот пат кон остварување на Целите за одржлив развој, заклучи Хелен Кларк.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top