| четврток, 6 декември 2018 |

Почеток на крајот на роамингот во ЕУ

Европската комисија побара помош од Европскиот парламент за итно создавање на заеднички телекомуникациски пазар. Тоа би значело крај на ерата на мобилниот роаминг во Европа, но и слободен пристап до независен интернет

neelie_kroes_zoom945Европската комесарка Нили Крос, заменик-претседател на ЕК, одговорна за „Европската дигитална агенда“, е силен поддржувач на заедничкиот европски пазaр. Таа побара од европратениците да ѝ се приклучат во намерата целата реформа за заеднички европски телекомуникациски пазар да заврши до следните европски избори, во мај 2014 година.

Всушност, таа пред пртениците рече дека се надева дека сѐ ќе се заврши до Велигден 2014 година.

– Со оваа дебата го споделуваме уделот, па кажете ми ќе ми се придружите ли во градење на нешто особено до европските избори? Сакам да им покажеме на граѓаните дека ЕУ игра улога во нивните животи. Дека сме ги постигнале „дигиталните правила“ онака како што и легитимно ги очекувале. Сакам да можете да си заминете во вашите земји и да им кажете дека сте ставиле крај на трошоците за роаминг. Дека сте ги заштитиле нивните права за слободен интернет, со гарантирана мрежна независност. Дека сме презеле вистинска акција против кибернетскиот криминал и останатите закани – се обрати таа пред пратениците.  

Телекомуникцискиот сектор е едно од јадрата во плановите за раст на Европската комисија и Европската дигитална агенда, но сѐ уште постои франгментација меѓу државите. Затоа, заеднички европски телекомуникациски пазар е врвен приоритет за Крос, а Брисел нестрпливо го забрзува процесот за да го донесе планот на одобрување пред овој состав на ЕП. Од економски аспект, таа смета дека заедничкиот пазар ќе донесе 110 милијарди евра годишно. Но, Крос е свесна дека предложените мерки нема да ги задоволи сите, колку и да се неопходни.

– Не ветувам дека заедничкиот пазар ќе биде сето она за што сте сонувале. Овој пакет мора да направи чувствителна рамнотежа, ако бараме да се донесе набрзина. Но, ветувам дека следните 12 месеци ќе градиме мост за граѓаните. Дали им треба да патуваат, тргуваат, прават трансакции, на граѓаните им треба оваа реформа… Нема друг сектор во некомплетниот европски заеднички пазар каде што бариерите се толку непотребни, а толку големи. Сега е време за промени, а тие мора да дојдат од секаде, но почнуваат од нас тука. Наша заедничка одговорност и наш најголем придонес ќе биде да се развие радикален законски компромис…. Овие зборови внимателно ги избрав: радикален – бидејќи економската катастрофа бара голема акција; и компромис – бидејќи секој треба да вложи за да добие – додава Крос.

Ќе биде интересно, коментираат познавачите, што на ова ќе каже ЕТНО, европското тело за телекомуникациската индустрија, но и што ќе речат националните регулатори. Но, секако, додаваат, ова е апел за кој вреди да се говори.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top