| четврток, 6 декември 2018 |

Буфон на мечот против Албанија ќе го одбележи 1000. настап

dzidzi bufon

Легендата на голот на Јувентус и на репрезентацијата на Италија, Џанлуиџи Буфон, на дуелот меѓу Италија и Албанија во квалификациите за СП 2018 ќе го одбележи својот 1000. настап во кариерата.

Буфон на голот на Парма собра 220 настапи, за Јувентус има одиграно 612, а дуелот со Албанија ќе му биде 168.натпревар во дресот на Италија.

Со овој настап Буфон влегува во Клубот 1000 и ќе стане само 18 фудбалер во историјата што ја достигнал границата од 1000 одиграни натпревари. На врвот на листата се наоѓаат тројца голмани – Англичанецот Питер Шилтон со 1.390 настапи, Бразилецот Рожерио Сени со 1.234 одиграни натпревари и Англичанецот Реј Клеменс со 1.118 натпревари.

Меѓу фудбалските великани во Клубот 1000 се и Италијаннецот Паоло Малдини, Аргентинецот Хавиер Занети, Велшанецот Рајан Гигс и Шпанецот Раул Гонзалес.

Првиот натпревар во кариерата, Буфон го одигра на 19 ноември 1995 година во дресот на Парма против Милан, на 17-годишна возраст.

– Кога Буфон се придружи на тренинзите на првата екипа, не верував што гледам. Иако имаше само 17 години, тој беше фантастичен. Не можев да им поверувам на сопствените очи и постојано ги прашував моите соработници дали гледаме исто“ – рече тогашниот тренер на Парма, Невио Скала.

За репрезентацијата на Италија дебитираше две години подоцна, во квалификациите за СП 1998 година против Русија. Буфон на овој натпревар влезе во игра во 31.минута на местото на Џанлука Паљука кој се повреди и со своите 19 години стана најмлад голман на голот на Италија. Неговиот рекорд во 2016 година го урна голманот на Милан, Џанлуиџи Динарума кој дебитираше за националната селекција со 17 години и шест месеци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top