Основната, почетна месечна плата на еден еврокомесар изнесува 20.666 евра. Ова се официјалните податоци од Брисел. Да, тоа последното 666 буди чудни асоцијации, но нејсе… Па и со истите тие баснословни 20.666 евра, кои со додатоците достигнуваат и до 23-24.000 евра месечно, Јоханес Хан во вторничката вечер во Македонија едвај можеше да обезбеди и 10 евроценти по човек од протестите на „За заедничка Македонија“. Процените за сите градови и за повеќе од 40 локации варираат од 200 до 250 илјади, само за Скопје процената оди од 100 до 120 илјади присутни. Сепак, тоа не го спречи Австриецот да се посрамоти „за сите пари“.
Истиот тој Австриец, чијашто матична партија даде и дава силна поддршка за ВМРО-ДПМНЕ, кој во времето на емигрантската криза си играше „отвори – затвори“ со сопартиецот Себастијан Курц (Хан како еврокомесар викаше отворете ја границата, Курц како МНР на Австрија затворете ја) сега крадешкум и молчешкум ја напушти Македонија.
Молкот е знак на вина или на одобрување, но Хан, реално, молчеше цел ден. Улогата на негови гласноговорници на „Твитер“ ја презедоа Гркот Киријакос и Германецот Михаил. Цел ден тие ги полнеа вестите на Соросовите медиуми, кои без срам и перде ги претставуваа како Хан. Хан рече ова, Хан рече тоа… А Гркот, настрана, одличен калибар човече беше, од тие на кои „персона нон грата“ им „стои“ како создадено за нив. Да, истиот тој Киријакос беше еден од видните потписници на иницијативата до Барак Обама за ретерирање од признавањето на уставното име на Македонија. А ако ве чуди неговото присуство во прикаскава, само нека ви текне на психо-мачкарскиот посредник Ванхауте….
Со таков, антимакедонски елемент на „Твитер“, Јоханес го почна денот во Македонија. Во меѓувреме, Германецот само еднаш коментираше, а на крај и го лиферуваше срамното соопштение на Хан и на тројката на ЕП Кукан, Вајгл и Флекенштајн.
И така Европејциве трипати оставија коментар на „Твитер“ и делеа ум. Најдобриот коментар, сепак, не беше нивниот. Ги закопа Билјана Ванковска. Во екот на нивното коментирање на „Твитер“ им пиша: „ Слушам дека Европејциве пак ни пишале – да не се подгреваат меѓуетнички тензии. Е, арно им текна! А да напишаа пред два месеца по повод албанската платформа ќе речев дека се ангажираат сериозно во рано предупредување и превенција. Вака, повторно контрапродуктивно, оставаат простор секој да си толкува кој подгрева и зошто подгрева. И тие пак со чисти раце, а ние ’локалци‘ што си вадат очи затоа што се Балканци…“
Наградно прашање: Абе Европејци, каде пак исчезна платформата?
И додека Европејците ни „триеја“ сол на глава и ни објаснуваа нивни правдини, едно прашање повторно остана неодговорено. Веќе два и пол месеца никој од нив не помисли дека е потребно, особено Хан, да ја осуди, отфрли или прокоментира тиранската платформа. Барем нешто да кажеа… И во нивните одговори, кои во име на Хан од Брисел ги дава неговата Маја Коцијанчич, тие постојано заобиколуваат ли заобиколуваат и ни збор не кажаа. Небаре, сега се загубија во преводот? Не, Вајгл е Словенец, тој би ја оправил работата, макар на „геноцидниот“ српски јазик. А да се обложиме дека во Скопје при вторничките средби, макар стопати слушнале за таа платформа и околу неа. И покрај сѐ, таа си исчезна во „преводот“ на нивниот омаловажувачки коментар на „Твитер“ на заминување и во бедното соопштение, макар што беше точно 20 реда, повторно ниту збор за неа.
А устата им е полна со недоветни „препознавања на парламентарното мнозинство“, па „почитување на резултатите од изборите“, демократии, пржински договори и што ли не друго?! Па како тие не го „препознаа“ ниетот за федерализација кај барем четворица од петтемина соговорници? И сето тоа кога во исто време со нивните средби повеќе од десет проценти од државата беа на улица и им викаа силно и громогласно „не“ за истата таа тиранска перверзија. Во Скопје, каде што се собра повеќе од 100.000 народ, истите тие европски бирократи се правеа недоветни и ѝ натаму глумеа дека не чуле ништо за некаква си платформа што треба да ја разнебити државата каква што ја знаеме? Абе ајде, небаре не постои, ниту некогаш постоела. Па Заев така рече, нели.
Во моментот, овие четворица каубојци од ЕУ (на кои, според бројката во основната плата на Хан од 20.666 евра, квалификацијата „јавачи на македонската Апокалипса“ одлично им „легна“) ми заличеа на една група Македонци, познати како Македончиња, толпа што „слепа при очи“ и глува при уши, без лубриканти ги проголта и сѐ уште желно ги консумира сите глупости на Заев и на компанијата. Арно ама, тоа што повеќе загрижува е што Европејците, за разлика од дел од Македончињата (дел се разбудија од зимскиот или Заевиот сон) знаат дека тиранското послание е вистина и што следува со и по него. Како и да е, фактите се поразителни. Тие велат дека 30 до 40 проценти од европратениците се на платниот список на Џорџ Сорос…
Хан се срами, се исплаши од народот или се пречеше поради Иванов?
Индикативно е што уште еден ден претходно целата новинарска фела знаеше дека Хан ќе даде изјава на крај, по средбата со Груевски. Се знаеше дури и времето, т.е. дека ќе биде во 21.30-22 часот. Арно ама, Хан го промени планот. А, реално, имаше и вишок време, кое со откажувањето на средбата му го обезбеди претседателот Иванов. Настрана што Хан не го послуша Иванов и не го употреби тоа за да се сретне со народот и со лидерите на иницијативата „За заедничка Македонија“, народ што за да го „поздрави“ се собра во најголем број досега. Залудно, Австриецот не се„смилува“ и не најде некоја минута, иако поради Иванов веќе имаше „дупка“. А порано, истиот тој (кој, сепак, очигледно, не е истиот) немаше никаков проблем да се сретнува со соросоидните НВО и „граѓански“ сектор, да поминува часови со нив и да ги гали и теши напатените, нафатирани чеда недоветни. Така се случи и чудо – Австриец да се потпре на Грк и на Германец. Денот му почна со Грк, а му заврши со Германец на „Твитер“. Ретко кој негов сонародник би се согласил на такво национално бламирање…
Што го премисли Хан и чуму не даде изјава?
Реалното прашање е што го премисли Хан толку наеднаш и чуму не даде изјава.
Првата опција е во наплив на искреност и на чесност, еврокомесарот да почувствувал силен срам од тоа што го прави и од тоа што му е наложено да го сработи, па така зацрвенет и не можејќи да ги погледне новинарите в очи (исто како Вајгл, Кукан и покрај противењето на бесрамникот Фленкенштајн) да му ја „здувне“ без поздрав и изјава. Тешко…
Втора опција би била „враќање“ на Иванов за неговата „непослушност“ и одбивање за средба со Хан и со тројцата емисари. Дали со овој чин на непочитување на медиумите, а со тоа и на Македонија, Хан му врати на Иванов за ситуацијата до која го доведе. Тешко и ова, да беше така, токму Јоханес ќе поентираше со директно срочување пред јавноста за сите небулози и идиотштини, кои рамо до рамо коегзистираат во соопштението.
Третата и најверојатна опција за бегството од скопскиот „Шошенк“ е свесноста дека ниту Хан, ниту „тројката“ не можат да го одбранат неодбранливото и да ја потенцираат владата на кумот Заев и на тиранистите, контра потегот на Иванов, кој давањето мандат го услови со нејзино отфрлање. Вака, бегајќи од камерите, Хан и европратениците се спасија од резил. Така, преку Германецот Михаил си пуштија едно безобразно соопштение, кое никому не мора да му одговори на ништо. Велат, хартијата трпи сѐ, „Твитер“, очигледно, трпи уште повеќе. Ништо повеќе од обичен, толку европски препознатлив чин на кукавичлак. Истресете сѐ што можете на хартија, бегајте цела деценија како ѓавол од своите обврски и, секогаш, гледајте да го фатите првиот авион за Брисел.
Искрено, не знам кому повеќе му годи ситуацијава, На Грците, на Албанците или на бирократите на ЕУ. Знаете, првите години кога ни дадоа препорака се вадеа на името, се вцрвенуваа и се криеја до следниот извештај. Сега им е супер, последните две-три години името исчезна, имаме проблем со „демократијата“. Ние имаме проблем со Заев, Села, Касами, Ахмети, тие, пак, немаат проблем да нѐ „искараат“ и да одложат сѐ „евроинтегративно“ што никогаш не го ни планирале.
Па како тогаш да не ги сакаат, им завршија работа со недоветниот изговор, а ако ги „протуркаaт“ на власт, повеќе од сигурно ќе им завршат работа и со тој првиот „проблем“ за името и со Грција. Единствен проблем во отелотворувањето на оваа „голема“ и неприродна љубов меѓу ЕУ и Македонија е еден многуброен, горд, истраен, инаетлив и пркосен фактор, на кој никако не можат да му го најдат крајот. Се вика народ…
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 238. број на неделникот „Република“, 24.3.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.