| четврток, 6 декември 2018 |

250.000 Македонци со порака до Брисел: Македонија не ја даваме

 

Ненад Мирчевски

Ненад Мирчевски

 

Громогласното НЕ ЗА ТИРАНСКАТА ПЛАТФОРМА, кое одекна од грлата на 250.000 Македонци во 43 града низ државата, се слушна до Брисел. Еврокомесарот Јоханес Хан имаше можност и чест лично да го почувствува револтот на народот кон сценариото за распарчување на државата и за бришење на македонскиот идентитет. Иако дипломатот не покажа доблест да го прифати барањето за средба со домаќините, чијашто судбина дојде да ја крои, сепак успеа да го почувствува „топлото“ добредојде и од блиску да ја помириса македонската пролет.

Иако Заев и Соросовите платеници се крстеа во Хан дека, конечно, некој ќе успее да го украде мандатот од Иванов, и овој пат останаа со празни раце и со полна уста гнев. По бегството од народот и откажаната прес-конференција, повеќе од јасно е дека неговата посета доживеа фијаско слично како и тоа на Федерика Могерини. Уште еднаш, и покрај силните притисоци од „пријателите од надвор“ на квислингот Заев, претседателот на државата остана принципиелен на ставот дека по секоја цена ќе ги штити државните интереси. Токму затоа стотиците илјади граѓани на улиците низ земјата го наградија Иванов со аплаузи, а Хан го испратија со свирежи.

kol238-nm-za-zaednicka-makedonija-23-2

Истата судбина ќе го чека секој дипломат, кој како Хан и Могерини ќе се обиде арогантно да наметнува платформи создадени во други држави со цел исполнување туѓи агенди на штета на македонскиот народ. Дрскиот и игнорантски однос на дипломатите кон македонскиот народ, всушност, дејствува како мотивација плус кај Македонците за да излезат на улица. Така комесарот Хан беше исвиркан од повеќе од 80.000 Македонци, кои му кажаа НЕ ЗА ТИРАНСКАТА ПЛАТФОРМА и НЕ ЗА ЕУ СО ПРОМЕНЕТО ИМЕ! На сите европратеници, комесари и разни бирократи од Брисел што одбиваат да се оградат од овој документ и да го осудат мешањето во внатрешните работи на државата, треба да им е јасно дека се директни виновници за одржувањето на кризата во живот, а со тоа и за порастот на евроскептицизмот во земјата.

kol238-nm-za-zaednicka-makedonija-23-3

Во име на добрите односи меѓу Македонија и ЕУ, и на Хан, и на секој друг дипломат што во иднина ќе сака да испрати каква било порака до македонските граѓани, искрено им порачувам добро да размислат дали ќе продолжат да молчат во однос на платформата и дали ќе се осмелат и понатаму да одат спротивно од волјата на народот. Впрочем и самите се уверија дека заканите што, очигледно, добро „палат“ кај голем дел од политичарите, имаат спротивен ефект кај народот.

Со непринципиелниот однос еврокомесарот се претстави пред македонскиот народ како голем лицемер, кој пред само неколку месеци, во една друга негова посега, ги стави на врвот на агендата претставниците на Соросовите невладини организации, кои, патем, ги имаше десеткратно помалку на улиците и не застапуваа ниту еден процент од граѓанството во државата.

kol238-nm-za-zaednicka-makedonija-23-4

Непринципиелноста на комесарот не е изолиран случај, туку е само еден од низата во кои сме ги увиделе двојните стандарди на Брисел што ги применува кон Македонија повеќе од 25 години. Одбивањето на Хан, пак, да ја именува државата-домаќин со нејзиното име Република Македонија (притоа нарекувајќи ја Скопје) ја заокружува целата приказна и јасно ја исцртува целта на Унијата – итна промена на името и инсталирање квислиншка влада со што ќе ја стават државата под целосна контрола. Со ваквата политика Европската унија докажува дека не само што нема ни најмалку почит кон Македонците, туку и дека овие бриселски бирократи немаат никаков проблем да газат преку основните човекови права за самоидентификување и национално самоопределување во битката со големите сили за наметнување на своето влијание на Балканот. Истите тие дипломати што ни доаѓаат во земјава, кои не ни помислуваат да ги осудат плановите за поделба на Македонија, кукавички, преку писмено соопштение им порачаа на Македонците да ги почитуваат демократските стандарди и да не си играат со оган! Види ти се молам! Каква бриселска хипокризија!

kol238-nm-za-zaednicka-makedonija-23-6

Па ако ние тука си играме со оган, тогаш тие ја полеваат со бензин цела Европа преку премолченото одобрување на тиранската платформа. Не само што со ваквиот несериозен однос ја потпалуваат Македонија, туку и отвораат простор за многу потенцијални нови кризни жаришта во Европа. Ги прашувам како ќе реагираат ако преку ноќ никнат нови „тирански платформи“ во други европски држави? Дали Брисел ќе молчи и за нив и ќе дозволи да настане целосен хаос на стариот континент или ќе ги осуди експресно мешањата во внатрешните работи на други земји и ќе си ги погази принципите што ги применува тука?

Не е прв, а ниту последен пат ЕУ да измислува посебни правила за Македонија со кои нѐ држи надвор од Унијата со години. Да бидеме реални – право на Унијата е да ги одреди условите за членство, но наше е да решиме дали ги прифаќаме, односно дали сакаме така обезличени да станеме дел од европското семејство. Силувањето на еден цел народ покажува дека Унијата има сериозен проблем со сопствените демократски и политички капацитети. За жал, Брисел сиве овие години не се заинтересира да најде модел што ќе го примени за позитивно да се реши проблемот со кој се соочува македонскиот народ. Да, господата бирократи секогаш ќе најдат предавници меѓу политичарите во Македонија, како Зоран Заев, кои ќе прифатат за грст пари да си ги продадат и државата и душата, но никогаш нема да најдат толку пари за да го купат народот. Ниту, пак, има сила со која ќе го натераат Македонецот да се откаже од неговото вековно име и традицијата.

kol238-nm-za-zaednicka-makedonija-23-5

Да беа храбри колку што се кукавици, истите тие бриселски административци ќе излезеа пред Собранието со својата марионета Заев да му покажат на народот како треба да си ја свитка „кичмата“. Но, очигледно се исплашија од глетката. И со право! Народот јасно и гласно им укажа дека власта во Македонија ја дава и ја зема тој, а не бирократите и дипломатите! Убеден сум дека и тие што се криеја во собраниските простории и тие во амбасадите и тие во Брисел, ја добија пораката:

Македонија не ви ја даваме!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top