| четврток, 6 декември 2018 |

Левандовски не би го менувал Баерн со ниту еден клуб во светот

Полскиот репрезентативец Роберт Левандовски е еден од најдобрите и најмоќни класични напаѓачи во светскиот фудбал и нормално е неговото име да се поврзува со најголемите клубови.

Тој веќе трета година е во Баерн Минхен, период во кој имаше одредени најави дека може да се пресели на „Сантијаго Бернабеу“, нешто што се говореше и додека го носеше дресот на Борусија Дортмунд.

Неговиот агент неколку пати беше на трибините во Мадрид, имаше одредени информации за преговори, но на крајот Лева го кажа последниот збор, а тоа е дека ќе продолжи да ја гради кариерата во Минхен.

– Едноставно во Баерн ги имам истите услови кои би ги имал во Реал. Ги имам сите можности да ги остварам целите во кариерата до кои можам да стигнам и во Реал. На пример, оваа година можеме да ја освоиме тројната круна. Имам огромен мотив со Баерн да триумфирам во ЛШ. Претходните години немавме среќа во завршницата зошто не бевме во најдобра форма кога беше најважно – рече Левандовски кој ќе има можност да се соочи со „кралевите“ во четврт-финалето на ЛШ.

– Наша најголема предноста е што по подолго време сите се здрави, во конкуренција за тимот и немаме проблеми со повреди. Велат Реал е фаворит? Погледнете го составот кој ќе излезе на „Алијанц арена“ и ќе видите оти Баерн нема помалку ѕвезди во однос на Реал. Поради тоа, овој дуел ќе биде интересен… Во Баерн го немаат заборавено поразот од 4-0 во Минхен. Знаеме за што сме способни и ќе направиме сѐ за да го наметнеме нашиот стил на игра против Реал – порача Полјакот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top