Искусниот германски европратеник и член на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, Михаел Галер, денеска во изјава за МИА ја осуди т.н. тиранска платформа што премиерот на Албанија, Еди Рама им ја наметна на албанските политички партии во Македонија, посочувајќи дека тоа ја направило потешка ситуацијата во македонската држава.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, европратеникот Галер е дециден дека малцинството во Македонија треба да живее со мнозинството, а не како што вели еден од повидните членови на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на Ангела Меркел – со некое „добро советување“ однадвор.
– Јас би сакал некој од ЕУ да кажеше нешто за таа т.н. платформа. Тоа е несоодветен начин и за самото малцинство ја прави потешка ситуацијата. Мислам, секој што сака да ги уреди сите малцинства во сите земји, како што ние имаме случаи и внатре во Европската унија, на пример некој од мнозинска земја да даде многу великодушна понуда за малцинството, сепак малцинството во која било земја треба да живее со мнозинството, не со некое „добро советување“ однадвор. Некогаш, некои работи не помагаат, дециден е Галер.
Германскиот пратеник во Европскиот парламент вели дека вмешувањето на политичари од Албанија во внатрешно-македонските работи е последица од оставањето на земјата надвор од НАТО и од Европската унија.
– Одеднаш албанските политичари се обврзаа заедно со другите албански малцински претставници да делуваат на одреден начин во Македонија. Мислам дека сето ова е последица на фактот дека во меѓувреме не успеавме да ве внесеме ниту во Унијата, ниту во НАТО, бидејќи кога ќе бевте внатре, тогаш ќе можевме да се справуваме поинаку со прашањата, додава Михаел Галер.
Во однос на македонските евро-атлантски интеграции, германскиот политичар е дециден дека тие се се уште живи и актуелни, а тој го лоцира поголемиот дел од проблемот за блокирање на истите во Брисел, а не во Скопје.
– Прво, јас би ја повикал која било влада, опозиција или население да не губи од вид и надеж од нивните аспирации кон евроатлантските интеграции, бидејќи вие тоа го заслужувате, вие сте европска земја и вашата иднина е во двете институции. Но, ако од друга страна сме искрени, мислам дека треба да се признае дека и двата проблема што ги имате, домашните и проблемите што ги имате со соседните земји можеше да се избегнат ако веќе бевте во Европската унија. Мислам дека во нормални околности вие веќе ќе бевте внатре како што е Хрватска, како што е Романија и Бугарија. Грчките власти превземаа тешки позиции и зазедоа, како да кажам, речиси историска монополизација. Но, она со што сега се соочуваме е дека мрежниот интегритет, па и проблемите што постојат со Бугарија можеше да се избегнат ако веќе бевте во Европската унија, завршува евопратеникот Михаел Галер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.