| четврток, 6 декември 2018 |

Демократите „знаеле нешто“: Трамп наскоро ќе поднесе оставка?

Демократската сенаторка и член на Одборот за правда Дајен Фајнштајн тврди дека американскиот претседател Доналд Трамп наскоро ќе поднесе оставка, пренесува Индипендент.

Таа на протест во Лос Анџелес сугерирала дека Трамп ќе поднесе оставка пред да биде присилен да замине од власта. Истовремено додаде дека знае повеќе отколку што може да каже во моментот.

– Знаеме дека секојдневно ги крши законите. Тој очевидно има договор со Русија. Има толку работи кои тој ги прави, а што се неуставни. Како ќе го собориме?, запраша таа, повторувајќи дека голем број луѓе ги истражуваат тие случаи.

– Мислам дека тој самиот ќе си замине, рече Фајнштајн.

Единствениот американски претседател кој поднел оставка е Ричард Никсон поради скандалот „Вотергејт”.

Инаку, и во анкетата на Галуп Трамп не стои добро. Работата на претседателот Доналд Трамп ја поддржуваат и ја одобруваат 37 отсто од Американците, покажува најновото истражување на агенцијата Галуп.

Дури 58 отсто од учесниците во анкетата изјавиле дека не се согласуваат со работењето и со постапките на новиот претседател.

Ова е најнискиот досега рејтинг на Трамп, откако пред два месеци тој и официјално ја презеде функцијата.

Досегашната поддршка за претседателот се движеше до најмногу 45 отсто, но таа и тогаш беше многу пониска од поддршката што на почетокот од својот четиригодишен мандат и по влегувањето во Белата куќа ја имаа тројцата негови претходници – Бил Клинтон, Џорџ Буш и Барак Обама.

Истражувањето на Галуп е направено пред директорот на ФБИ, Џејмс Коми да сведочи во Конгресот и пред сенатската комисија, на кое тој изјави дека нема доказ оти Доналд Трамп бил прислушуван од администрацијата на Обама, пред да стане претседател.

Експертите на агенцијата веруваат дека по сознанието добиено од Коми, многу е веројатно дека рејтингот можеби би бил уште понизок.

Како објаснување за натамошното опаѓање на рејтингот на Трамп., уште пред да наполни 100 денови како претседател, Галуп го посочува „незадоволството на јавноста„ од контроверзното, непотврдено и неаргументирано прислушување, но и разочарувањето меѓу Американците со планот на републиканците да ја укинат социјалната програма „Обамакеар„ со свој проект кој не го поддржуваат и многу републикански политичари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top