| четврток, 6 декември 2018 |

Собраниската комисија речиси договорена: ВМРО-ДПМНЕ ќе има шест члена, СДСМ пет, а ДУИ и Беса по еден

Координацијата на претставниците на парламентарните групи за утврдување на составот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата е прекината поради дополнителни консултации и ќе продолжи по 15 часот и 30 минути.

На координацијата во Собранието претставници на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и на Беса го утврдуваат бројот на членови со кои ќе бидат застапени овие партии во Комисијата, а треба да дадат и предлог-имиња на членовите. Утврдувањето на предлогот за состав на Комисијата е предуслов за закажување продолжение на конститутивната собраниска седница.

Според извори од собраниските служби, договорено е ВМРО-ДПМНЕ да има шест члена во Комисијата, СДСМ пет, а ДУИ и Беса да бидат застапени со по еден член.

Според Деловникот на Собранието, Комисијата за прашања на изборите и именувањата се избира на конститутивна седница на парламентот на предлог од најмалку 10 пратеници, а нејзиниот состав треба да обезбеди соодветна застапеност на пратениците од политичките партии застапени во Собранието. Оваа Комисија, или најмалку 20 пратеници, може да предложи кандидат за претседател на Собранието, а предлагач може да биде и пратеник.

Конститутивната седница на Собранието почна на 30 декември 2016 година, но беше прекината со оглед на тоа дека не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на законодавниот дом.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top