Мечот меѓу Кожув и МЗТ Скопје по спортската битка на теренот, продолжува преку медиумите. Имено, тимот од Гевгелија најпрвин испрати соопштение во кое се жалеа на лошото судење, но, и однесувањето на колективот од Аеродром. На таквите обвинувања реагираше МЗТ кој испрати реакција до медиумите. Истата ви ја пренедуваме во целост:
„Искрено, шокирани сме од начинот на изразување на нашите спортски пријатели од Кожув во нивното вчерашно соопштение по повод саботната меѓусебна средба, која по интересна пресметка и максимална борбеност од двете страни заврши со победа на МЗТ Скопје Аеродром.
Свесни сме дека е многу полесно оправдувањето за сопствениот неуспех да се побара кај судиите и кај противникот, но големината на секој спортски клуб се гледа во способноста за самокритика, нешто што очигледно е мислена именка за гевгеличани. Во Кожув, дефинитивно, треба да научат како спортски се прифаќа пораз. Обвинувањата, пак, за наводно ‘лечење комплекси во салите низ Македонија поради фрустрација по неуспешниот настап во АБА-лигата’ воопшто и нема да ги коментираме бидејќи самите по себе се доказ за недостаток на спортска култура и на домашно воспитување на тој што ги изрекува.
Гевгеличани во своето соопштение ‘бомбардираат’ со тешки зборови, кои воопшто не се поткрепени со аргументи. Говорат за наводен инцидент на Адем Мекиќ, без да кажат да тој беше инициран од нивниот кошаркар Штерјов, кој имаше обид за физички контакт, да не кажеме напад, врз нашиот капитен Симоновски. Згора на тоа, двата тима имаат речиси идентичен број прекршоци и шутнаа скоро ист број слободни фрлања, што доволно говори дали имало или не изедначен судиски критериум на натпреварот. А, на секоја презентација за евентуална грешка на сметка на Кожув, ние сме подготвени да реплицираме со две на нашата страна, нешто што ниту сакаме да го потенцираме ниту пак во тоа бараме оправдување за евентуални пропусти во нашата игра.
За нашата спортска чесност пред, за време и по натпреварот доволно говори фактот што самите овозможивме, организиравме и плативме интернет-пренос од овој натпревар со цел македонската јавност да може да ужива во квалитетен и изедначен дуел во кој победникот нема да се знае до самиот крај. Ако ни била целта да (на)правиме задкулисни игри, зарем би си дозволиле изложување на јавна сцена со организирање директен пренос достапен речиси на секој обичен Македонец.
И покрај сето ова, главна причина за овој одговор на соопштението на нашите спортски пријатели од Гевгелија се нивните навреди кон нашиот тренер Анте Назор. Треба да се биде апсолутен непознавач на кошаркарските прилики за да се нарече „циркузант” тренер со долгогодишно искуство во АБА-лигата, човек кој успешно работел во кошаркарски средини како Сплит и Задар и стратег кој може да се пофали со златен европски медал од кадетско ЕП како и со две сребра и четири бронзи од европски и светски првенства во јуниорска и младинска конкуренција. И пак, наместо да погледнат во својот двор (однесувањето на својот тренер), гевгеличани гледаат во туѓиот со желба таму да најдат оправдување за сопствениот неуспех.
МЗТ Скопје Аеродром до крај ќе биде доследен на определбата паркетот да остане единственото место за надигрување на сите кошаркарски суперлигаши. Кога ќе загубиме, спортски ќе му честитаме на ривалот, што и го направивме неодамна по полуфиналниот пораз од Фени индустри во Купот на Македонија. Тогаш вината не ја (по)баравме кај судиите, ниту кај противникот туку исклучиво во сопствените редови. Продолживме да работиме напорно со цел да бидеме подобри во продолжението на првенството, нешто што од сѐ срце им го препорачуваме на нашите спортски пријатели од Кожув. Но, кога ќе победиме, не сакаме триумфот да ни биде засенет со вакви неаргументирани писанија, чија единства цел е оправдување на сопствените грешки и пропусти.
На крајот, ги повикуваме предводниците на Македонската кошаркарска федерација (МКФ) внимателно да ја прегледаат снимката од овој натпревар, максимално да ги испочитува актите кои им се на располагање и да ги казни виновниците за ваквото нарушување на имиџот на кошаркарскиот спорт воопшто. Без разлика од чии редови се тие” се вели во реакцијата на МЗТ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Влада на РМ: Груевски ќе ја отслужи казната во Република Македонија
-
ВМРО-ДПМНЕ: Владата во изминатава година и половина не покажа ништо друго освен криминал
-
ВМРО-ДПМНЕ: Пендаровски го повикува на референдум народот што го нарекуваше стока
-
Ванковска: Според Уставот, за одлука за стапување во сојуз или заедница треба 900 илјади гласа „за“