| четврток, 6 декември 2018 |

Цуцуловски: Ако се прифати тиранската платформа, тоа ќе значи распад на Македонија

Професорот Љубомир Цуцуловски смета дека зад доаѓањето на Јоханес Хан се крие целта по секоја цена да се прифати платформата донесена од четирите албански партии. Тоа, според него, може да биде доста погубно за Македонија како држава.

ЕВРОПА НЕ САКА ДА УЧИ/ЕВРОПА Е ВО ПРАШАЊЕ. Утре, со својата братија, во посета доаѓа Јоханес Хан. Непосредна цел на неговата мисија е да ја протне, по секоја цена, платформата донесена од четирите албански партии во Тирана. Прифаќањето на платформата скоро извесно води кон распад на Република Македонија по етничка, меѓутоа и по религиозна линија. Тоа значи либанизација на Македонија. Либанизацијата на Македонија ќе значи војна, во која ќе страдаат и едните, и другите, и третите… Едноставно, ќе страдаат сите граѓани, без разлика на нивната етничка, религиозна или идеолошка припадност. Стотици илјади луѓе, преку ноќ, можат да се најдат надвор од своите домови, од своите села, од своите градови, бидејќи тоа се последиците на секоја граѓанска и меѓуетничка војна. Тие, според својата логика, водат кон преселби, односно кон размена на населението. После тоа, враќање назад нема, како што ретко кој бегалец се врати во својот дом на просторите од некогашна Југославија.

Меѓутоа, колку што е битна трагедијата која (најверојатно) ќе ѝ се случи на Македонија, исто толкуе битна е – ако не е и побитна – трагедијата што ќе ѝ се случи на Европа. Всушност, таа е веќе почната, но вешто се прикрива преку медиумскиот молк, кој набргу ќе се струполи и работите ќе бидат соголени. Веќе не се знае колку милиони бегалци се наоѓаат на тлото на Европа, како што не се знае ни колкав е бројот на економските емигранти (на црно или бело) кои работат во неа. Овие емигранти се составени од Турци, Алжирци, Тунижани, Мароканци, Македонци, Срби, Хрвати, Индуси, Албанци, Суданци итн. Дел од нив веќе се дигаат на немири, протестираат. Тоа е видливо во Холандија. Претходно, пред година или две, тоа се случуваше во Франција. Веќе почнува да се случува и во Шведска. Нема никакви гаранции дека до немири нема да дојде и во Швајцарија. Европските безбедности сили не се обучувани, ниту се димензионирани за борби и судири од ваков вид. Притоа, се говори за бројка од дваесет милиони бегалци кои се приготвуваат да преминат на тлото од Европа. Нивниот број нека биде предимензиниран. Нека не се дваесет, нека се четири милиони. Меѓутоа, и тоа е веќе застрашувачка маса на луѓе која може да се прелее во Европа. Нивниот пат ќе води и низ Република Македонија. Ако неа ја нема, ако наместо држава се претвори во географска територија, тогаш спречувањето на бегалскиот бран ќе биде сведено скоро на нула. Македонија, заедно со околните држави, ја има функцијата што ја имаше Либија. Гадафи, пред да биде убиен на најбрутален начин, предупредуваше дека токму Либија е браната за бегалскиот бран што доаѓа. Намерно не го послушаа и бранот, заедно со хаосот, започнаа да се шират низ Европа. Излегувањето на Велика Британија (најверојатно) не беше случајно. Напротив, тоа беше навремено. Англосаксонците секогаш взаемно се подржувале. Затоа, не се случајни гласните противења кон либералниот режим за влез на бегалците. Овие противења доаѓаат најмногу од Унгарија, Австрија, Словачка, Чешка. Доаѓаат од Вишеградската група, односно од државите кои некогаш беа дел од Австро-унгарското царство. Нивните политичари забележуваат дека овој бран на бегалци не може да биде случаен, ниту само економски мотивиран. Некој, по сѐ изгледа, сака да ја деструира Европа, со помош на инсталантите кои одамна се вгнездени во нејзиниот предимензиониран бирократски апарат. Дел од тој апарат се емисарите кои со години доаѓаат да ѝ помогнат на Македонија. Ѝ помагаат така што севезден ѝ одмагаат. Ете утре, што се вели за некој час, ќе дојде Хан и неговата братија. Примарната цел на нивната посета не е да се руши Република Македонија, преку насилното наметнување на албанската Платформа. Нивна примарна цел е да се сруши една од браните, која стои на патот од бегалците кон Европа. Со други зборови, Република Македонија ја има сличната улога што ја имаше Либија. Ако се сруши европска Либија, бегалската криза ќе продолжи во уште поголем интензитет. Наместо Европа економски, културно, научно и едукативно да се развива ќе биде принудена да војува на сопствено тло. Значи Европа, благодарение на инсталантите, ништо не учи. Кому ова му одговара? Му одговара на оној на кој не му одговара обединета Европа од Алтантик до Урал. Тоа е Европа на генералот Шарл де Гол, кој искрено го љубеше континетот на кој му припаѓаше, наспроти на континентот кој се наоѓа од онаа страна на Атлантикот. Де Гол не случајно извика, и тоа среде Канада: „Да живее слободен Квебек/Vive le Québec Libre!“ Тоа беше на 24.07.1967 година. Некои суштество никогаш не забораваат. Кога-тогаш, возвраќаат.

Не би сакал текстов да биде сфатен како осуда на бегалците, бидејќи и тие се жртва каква што сме и ние. Сите сме жртви на светскиот капитал и на неговите резултати. Затоа, уште еднаш Pink Floyd и нивната песма “A Great Day Of Freedom”. Белки човештвото ќе се свести.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top