Професорот и социополитички аналитичар Бранислав Саркањац во интервју за Курир зборува за актуелната политичка состојба во Македонија, одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за недоделување на мандат, протестите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“. Тој смета дека постои сериозна закана по унитарноста на државата со договорите меѓу СДСМ и албанските партии, а клучно за тоа е нарушувањето на на правилата за фер игра во политиката и сè поочигледната манифестација на фрустрацијата на мнозинството.
–Ако си го исполнил условот да донесеш тапија со која се потврдува дека си сопственик на 20-30 хектари шума, ти ќе ја добиеш шумата, но немаш никакво право да ја исечеш кога сакаш. Знаете, сопственоста обврзува. Ако си го исполнил условот за да го добиеш тоа што е договорено со условот, ти немаш право да дејствуваш на начин кој не е договорен и, уште поважно, што ме загрозува мене или интересите на тие што ги застапувам. Ако си го исполнил условот да собереш 61 пратеник, ти немаш право да дејствуваш на начин кој не е предвиден, договорен и кој директно ги загрозува интересите на македонскиот народ, кој е државотворен. Република Македонија е сопственост на сите граѓани кои живеат во неа и никој не може да располага со таа сопственост на штета на граѓаните. Значи, не може во овој случај правно позитивистички да се гледа на тоа дали е исполнет условот за добивање мандат за составување влада. Има секогаш нешто што е над формалното право. Уште од Аристотел до денес се зборува за правда од повисок ред, и за интереси од повисок ред. Националните интереси се токму такви. И за нив важи она што се нарекува супстанцијално разбирање на работите што е над правниот позитивизам. Кога има колизии на интереси во политичкиот живот какви што ги имаме денес во Македонија, тогаш се применува правилото на одредување на највиталните приоритети на државата, смета Сакрањац.
Тој нагласува дека е погрешно што странските политичари му забележуваат на претседателот дека не може да прави што сака и дека треба да го даде мандатот. Неговата одлука е далеку од своеволие или инает, како што формулираат повеќе странски дипломати. Во неа има оценка која се повикува на важноста на државните приоритети и нивната надреденост во однос на формално правното. Во крајна линија, ниту еден закон не може сè да опфати и да кодифицира, уште помалку да предвидува конкретни ситуации.
– Се поочигледно се манифестира фрустрацијата на мнозинството. Тука не мислам само на Македонците туку и на Турците, Власите, Ромите, Србите и сите други што живеат во Македонија. Чувството на загрозеност е работа за која мора сериозно да се води сметка, а не само да се нафрлаат членови од закони или да се наведуваат преседани од политичката практика. Нема потреба да се нагласува дека тоа чувство што особено последниве недели го делат стотици илјади во Македонија, еднакво, не е кодифицирано ниту во еден закон.
Сакрањац стои на гледштето дека Македонија е хетерогена национална држава со мултикултурна политика во која активно се води сметка за правата на помалите заедници. Тој е убеден дека мултикултурализмот активно се негува во Македонија и дека не е запоставен со што би му се отворило простор на бинационализмот. Приказната за договорот за промена на знамето, националниот грб не е резултат на слабоста на мултикултурализмот, туку обратно, тоа е напад врз мултикултурализмот зготвен во некоја друга кујна. Македонија тука не смее да отстапи. Мултикултурализмот е на овие простори присутен најмалку 2500 години. И тоа е едно од обележјата со кои најмногу се гордееме (соседните земји не можат многу да се пофалат на тој план).И мултикултурализмот е еден од приоритетите на државата кој позитивизмот во правото не смее да го загрози. И уште еднаш за договорот или т.н. платформа. Да се поставуваат вакви барања пред македонската државотворна нација која со децении е обесправена и негирана најблаго кажано е политички нефер. Во суштина, се работи за безобѕирна провокација.
–По такви историски успеси на албанската нација за само десетина години (Албанија во НАТО, независност на Косово, Рамковниот договор во Македонија), јас очекував период на каква-таква солидарност со македонскиот народ. Знаете, да каже некој “постигнавме многу за кусо време и многу сме горди на тоа, ред е да ве поддржиме вас Македонците да бидете целосно признати од сите страни”. Македонија не е само на Македонците. Но, национална значи дека на планот на клучните обележја на државата Република Македонија не може да се задира во идентитетoт, симболите, историјата на македонскиот народ и статусот на македонскиот јазик.Внимавајте, дваесет години зборувам, исто така, за доследен мултикултурализам. И дека ако го нема над Македонија демне бикултурализмот, бинационалноста како разврска. Бинационалноста е многу извесен вовед во федерализација или поделба на Македонија. Да објаснам, за кои две нации ќе зборуваме во бинационалната Македонија? За Македонците и Албанците. Меѓутоа албанската нација може лесно да се дефинира како заеднички именител на Албанците од Македонија, од Албанија и од Косово. И тоа ќе се направи. Тука дефинитивно се губи битката не само за унитарноста, туку за остварување на историските стремежи на македонскиот народ да има самостојна суверена држава, целосно меѓународно призната.Со бинационалноста неповратно ќе се урнат темелите на македонската држава. Сите овие изминати 25 години напори за градење соживот ќе станат изгубени години. Да одземеш 25 години од нечиј живот е страшно.
Од друга страна, смета тој, меѓународниот фактор ја гледаат Македонија во облак, на небо, без да се води сметка за историскиот контекст, за геополитичкиот или геокултурниот контекст на Македонија. Се нафрлаат како врз средена европска национална држава, што ќе рече, рамнoправен и признат политички субјект на меѓународен план, која не води сметка за правата на малцинствата кои живеат во неа. А Македонија не e ни блиску до таква држава. Уште не можеме да се ослободиме од референцата FYROM. Негирани сме и оспорувани од сите соседи. Не сме членка ниту на ЕУ ниту на НАТО.
–Геокултурниот простор на Албанците е многу поголем од македонскиот. Културниот пазар е многу поголем. Имаат 5 милиони потенцијални конзументи на литература, филм, уметност, што е повеќе од 3 до 4 пати повеќе од културниот пазар на македонски јазик. Тоа значи дека многу полесно и со помалку помош од државата можат да ја развиваат албанската култура. Ова странците не го гледаат. Кога станува збор за правата на Албанците те гледаат како целосно признат политички субјект. А кога ќе им ги предочиш проблемите со соседите од кои фактички не си целосно признат политички субјект се прават како да не слушаат. Ти викаат жонглирај, а не гледаат дека четворица ти ги држат рацете. Кога се зборува за двојните стандарди на ЕУ спрема нас се мисли токму на ова.
Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ веќе трета недела протестира во голем број градови низ Македонија, меѓу другото барајќи отфрлање на Тиранската платформа. Она што тој сака да го потенцира е дека политички протести со ваква бројност можат битно да влијаат на политичките процеси во Македонија.
–Протестите во 21 век не завршуваат на улица. Тие се шират преку разни форми на политички активизам, надвор од и по протестот. Тие го имаат ефектот на маало, на маалско ширење на муабет. Учеството на протест се покрива со медиумите, актуелно е на социјалните мрежи. Крајниот ефект е влијание врз политичките убедувања генерално, и однесувањето на гласачите. Еден учесник на протести може да значи најмалку два гласачи. Истражувањата кажуваат дека има случаи (како во САД) еден учесник на протести да донесе и 10 до 15 гласачи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст