Во населеното место Инџиково се асфалтираат пет улици кои беа оштетени од поплавата што се случи во август минатата година. Улиците се со различна должина од 150 до 250 метри, а нивната вкупна должина изнесува околу 1.000 метри.
– Градот Скопје, со одлука на Советот на Град Скопје, минатата година додели 150 милиони денари или 2,5 милиони евра за санација на оштетената инфраструктура во сите населени места кои претрпеа штети за време на поплавите минатиот август. Минатата година започнавме со реконструкција на улиците во населените места Синѓелиќ и Стајковци, а со подобрувањето на временските услови оваа година продолжуваме со асфалтирање на преостанатите улици. Деновиве во населеното место Инџиково се асфалтираат 5 улици, кои се краци на улица „2“, изјави градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, кој изврши увид во работите заедно со градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски и директорот на ЈП „Улици и патишта“, Синиша Ивановски.
Трајановски изрази задоволство од интензитетот со кој се одвива асфалтирањето на улиците што се прави со соработка со Општина Гази Баба и Владата на Република Македонија.
Градоначалникот на Општина Гази Баба посочи дека минатата година биле асфалтирани повеќе од 50 улици, а годинава се планира асфалтирање на 80 улици.
– Покрај овие пет улици, ние работиме паралелно на санација на улицата број „10“ во должина од околу 700 метри, а започнавме и со санацијата на улица број „12“, која е во должина од околу 1.000 метри. Пред неколку денови ја завршивме втората фаза од улицата „Антон Велковски“ во н. Стајковци, а во соработка со Градот Скопје интензивно се работи и на целосна реконструкција на ул. „Алија Авдовиќ“ во Синѓелиќ, рече Трајковски.
На санацијата на петте улици во населеното место Инџиково работат екипите на ЈП „Улици и патишта“ и се очекува градежните работи да бидат целосно готови викендов. Од наредната недела градежните работи ќе продолжат на оштетените улици во населените места Синѓелиќ и Стајковци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.