Оваа недела Велика Британија ќе го активира членот 50 почнувајќи со своето заминување од Европската унија. Најверојатно ќе следува и втор референдум за независност на Шкотска и сѐ повеќе се шпекулира дека Северна Ирска, можеби, ќе биде поотворена за напуштање на Велика Британија и за спојување со Република Ирска.
Во Холандија, десничарот Герт Вилдерс и неговата Партија на слободата може да освојат најголем дел од гласовите на општите избори иако соработката на повеќе главни холандски партии, најверојатно, ќе го спречи Вилдерс да дојде на власт. Во Франција, Марин ле Пен и нејзиниот Национален фронт, речиси, сигурно ќе завршат на второто место во првиот круг од претседателските избори оваа пролет, а Емануел Макрон изгледа подготвен за да ја победи Ле Пен во вториот круг.
Понатаму кон исток и кон север во Европа, сѐ уште доминираат грижите за сѐ понаметливата Русија. Овој месец Шведска објави дека повторно ќе воведе задолжителен воен рок, кој беше укинат во 2010 година, за да ја зајакне својата војска поради забележаната закана од Москва. Финска, која го задржа задолжителниот воен рок, спроведува воени вежби насочени против хибридни воени техники. Во балтичките држави, НАТО е во екот на најголемото европско распоредување од крајот на Студената војна.
Не исчезна ни кризата со европската валута, всушност, иако постои уште од финансиската криза од 2008 година, таа може да влезе во нова, нестабилна фаза. На следните италијански избори, кои, веројатно, ќе се одржат во јуни, власта, можеби, ќе падне во рацете на политичките партии што се непријателски настроени кон останување во блокот на валутата, кој многу Италијанци го обвинуваат за бавниот раст и за зголемувањето на невработеноста.
Не се распаѓа сè толку брзо како што сугерираат негативците. Во Германија, екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија брзо се ширеше, особено во делови на длабоко исфрустрираниот исток. Но, сепак, се чини дека е мала веројатноста да ја освои политичката моќ на изборите во септември. Последните анкети предвидуваат дека ќе освои едвај 11 проценти од гласовите, во споредба со 34 проценти за демохристијаните на канцеларката Ангела Меркел и 32 проценти за нејзиниот ривал од социјалдемократите и противкандидат за канцелар, Мартин Шулц.
Тоа е потсетник за тоа колку проблеми има десницата во Европа. Левицата во Европа и понатаму е во хаос – се соочува со проблемите на британската Лабуристичка партија или на француските социјалисти. Сепак, само две европски земји, Унгарија и Полска, имаат влади што може да се опишат како сериозна десница. Па, дури и тие често се мачеа да победат на битки за кои многумина мислеа дека се лесни. Кога унгарскиот премиер Виктор Орбан повика на референдум за забрана на натамошни емигранти надвор од Европа во октомври минатата година, тој не успеа да добие доволно висок одѕив кај гласачите.
Европа, можеби, не се распаѓа, но изгледа е во состојба на полупостојана криза. Речиси една деценија европските „самити за криза“, на кои лидерите се состануваат за време на викендите за да разговараат за прашања како единствената валута или реформи во ЕУ, беа норма, но само неколку покажаа прецизни резултати.
Се чини дека е прашање на лидерство. И на национално и на регионално ниво, се чини дека европските лидери страдаат од криза на доверба, популарност и, во најлош случај, политички легитимитет.
Состојбата на несигурност во Европа е нешто што рускиот претседател Владимир Путин е повеќе од среќен да го искористи. Многумина од националните установи за безбедноста на Европа и на САД сметаат дека руската интервенција во Сирија беше делумно со цел да се продлабочи бегалската криза туркајќи ја политиката на Европа до нејзините граници. Во најмала рака, медиумите поддржани од Русија со задоволство го разгоруваат огнот на нестабилност и екстремизам, понекогаш измислуваат приказни, а понекогаш само да ги зголемуваат и ги влошуваат веќе зголемените тензии.
Настаните во САД придонесоа да се зголеми неизвесноста. Во интервју за „Ројтерс“ минатиот месец, претседателот Доналд Трамп изненади многумина во Европа со тоа што изрази поддршка за Европската унија и за нејзините институции. Тоа е став што го делат многумина претставници од надворешната политика на САД, само затоа што се плашат од последиците ако се распадне ЕУ. Но, некои од луѓето околу Трамп, особено идеолозите како главниот стратег Стив Банон, ја гледаат ЕУ како анатема за нивниот светоглед и би сакале да видат како пропаѓа.
Остатокот на светот, исто така, не помага. Зголемените тензии меѓу турската и холандската влада за еден откажан турски политички митинг во Ротердам, при што турскиот претседател Таип Ердоган ги спореди Холанѓаните со нацистите, само ја засилија поддршката за Вилдерс. Терористичките напади во Брисел, Ница, Берлин и на други места или, едноставно, извештаите за сомнежи за потенцијални напади, како тој во Германија оваа недела, само го потпалуваат чувството на поделеност.
Вистинското прашање е дали тој наратив станува целосно самоисполнување. Токму сега, европските институции различно гледаат на распадот околу нив, но нивната отпорност, барем досега, останува зачудувачка.
Европските проекти, кои сега се под притисок – ЕУ, НАТО, единствената валута, дури и основните политички институции и претпријатија што секоја земја ги управува – имаат мани. Но, тие, исто така, имаат донесено и некои исклучителни резултати како одржување на мирот на континентот за повеќе од шест децении и обезбедување на благосостојбата и на правата на нивните народи.
Европската либерална демократија често е лицемерна, а понекогаш и неефикасна. Но, во голема мера, граѓаните на земјите-членки на ЕУ во последните децении беа заштитени од некои многу лоши работи, особено од неумереност на државната власт, нешто што не важи и за Путин, а камоли за фашистичките режими во 30-тите години од минатиот век или за советските влади што владееле во Источна Европа за време на Студената војна.
Но, Европа станува сѐ помалку пријателски настроен континент, особено за тие што се различни, како што бегалците сега се чуваат во сѐ поужасни услови во пограничните земји на ЕУ како Србија. Истото се случува и во мигрантските заедници низ цела Европа.
Тешко е да се каже каде ќе се движат работите од тука. Додека институциите за европска интеграција нудат најдобра надеж, земјите не може да се обвинуваат за преземање на работите во свои раце кога станува збор за одбрана на самите себе. Една статија во „Економист“ од минатата недела праша дали Германија е подготвена да разбие едно од последните и најголеми табуа и да почне своја програма за нуклеарно оружје за да се заштити од уште понеизвесната иднина.
Европа некако мора да се убеди себеси дека работите не се толку лоши како што изгледаат и да почне да се движи по некој оптимистички пат. Во спротивно, тие може да се влошат и повеќе отколку што некој може да замисли.
Извор: „Ројтерс“
Превод: Ана Цветаноска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.