| четврток, 6 декември 2018 |

Детали за здравствената состојба на детето нападнато од кучиња, нападнато уште едно дете

Четиригодишно дете од кичевското село Бачишта, се здоби со тешки повреди во пределот на стомакот, градниот кош и главата, откако вчера беше нападнат од повеќе кучиња. Поради сериозноста на повредите, малолетникот, од Општата болница во Кичево каде му била дадена првична неопходна медицинска помош, итно е префрлен во Ургентниот центар во Скопје, информираат од СВР Охрид.

Kако што претходно објавивме, настанот се случил вчера околу 11 часот во селото Бачишта во момент кога детето само излегло од куќата каде што живее со семејството и поминувало преку нива сакајќи да појде до соседната куќа каде што се наоѓал неговиот татко. Тогаш, него го нападнале повеќе кучиња скитници, но и кучиња кои се појавиле од соседната штала со овци, сопственост на лицето Ш.В. (49) од истото село кој кучињата ги чувал пуштени односно необезбедени.

-По консултации и дадени насоки од Основното јавно обвинителство во Кичево, на местото на настанот извршен е увид по што ќе биде поднесена кривична пријава за тешки дела против општа сигурност, информираат од СВР Охрид.

Од полицијата додаваат дека вчера во полициската станица во Кичево беше пријавен уште еден настан-напад на кучиња скитници врз малолетник роден 2011 година со нанесени повреди од каснување во пределот на левата надколеница. Малолетникот бил префрлен во Општата болница во Кичево каде по дадената лекарска помош е пуштен на домашно лекување.

-Инаку, од почетокот на годинава, до денеска, во полициската станица во Кичево пријавени се вкупно единаесет случаи напад на кучиња врз луѓе од кои шест во градот Кичево, четири во селото Бачишта и едно во селото Србјани. Во текот на 2016 година, пријавени се вкупно педесет и четири случаи напад на кучиња од кои, триесет и девет се во градот Кичево и петнаесет во околните села, говорат податоците на СВР Охрид.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top