ЕВН Македонија потпиша меморандум за соработка со средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“ од Скопје. Со овој меморандум се создаваат услови за формирање на специјална паралелка за 25 ученици со стручна подготовка која ќе биде поддржана од ЕВН. Ќе се работи на унапредување на образовниот процес, наставните планови и програми и практичната работа со цел подготовка на ученици кои ќе можат директно да се вклучат во работниот процес уште за време на нивното средно образование.
„Со потпишувањето на овој меморандум се отвора нова страница во стручното образование во Република Македонија. ЕВН е пример како треба директно да се поддржат образовниот процес и младите. Ова е понуда до младите луѓе која што никој досега ја нема понудено. Да се запишете во училиште, успешно да го завршите и да ве чека работно место со добра плата во еминентна компанија како што е ЕВН. Тоа може да се направи со запишување во учебната 2017/2018-та во средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“, во образовниот профил електроинсталатер и монтер“, изјави Ефтим Пејовски директор на СЕТУГС „Михајло Пупин“.
„Со проектот 20-20-20, ЕВН Македонија нуди уникатна шанса за младите ученици во Македонија. Дваесетина средношколци во 2020 година ќе имаат можност веднаш по завршувањето да заработуваат загарантирана нето месечна плата од 20.000 денари“, изјави Штефан Петер, претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија.
„Постои побарувачка за квалификувана работна сила и ние мораме да нудиме атрактивна работа со перспектива. Да се започне како електро монтер во ЕВН не значи да се работи таа работа цел живот, туку може да биде почеток на кариера како специјалист или проектен инженер“, посочи Петер.
Според договорот за соработка учениците од ЕВН паралеката, часовите за практична настава ќе ги обавуваат во просториите на компанијата и на терен под менторство на професионалци кои работат во ЕВН. Ова ги следи принципите на таканареченото дуално стручно образование и обука што е веќе успешна приказна во Австрија, Германија и Швајцарија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.