| четврток, 6 декември 2018 |

Имаме трипати повеќе американски дипломати од Софија, двапати повеќе од Тирана

Соединетите Американски Држави во својата Амбасада во Република Македонија имаат многу повеќе персонал отколку во некои други европски и земји во светот, кои се и неколкукратно поголеми од нашата земја!?

Пресметките покажуваат дека нашата земја истовремено е и „најгусто“ населена со американски дипломати кога се во прашање споредбите со други земји во однос на нивната површина и вкупниот број население, анализира „Дневник“.

Вакви податоци произлегуваат од споредувањето на бројот на дипломатите во нашата и во другите земји, а кои се лесно достапни на официјалните интернет-станици на министерствата за надворешни работи на секоја од земјите.

Така, на страницата на македонското МНР се гледа дека дипломатската мисија на САД во Скопје има 55 службеници предводени од амбасадорот Џес Бејли. Уште 28 други лица се со статуси секретари, аташеи и слично, 15 лица се „без титули“, а меѓу нив се директор на мисијата на УСАИД, на мировен корпус и слично, додека воените сили имаат 11 официјални претставници. Kога овој вкупен број ќе се сподели со тоа колкава земја е Република Македонија и колкаво население таа има, излегува дека на нејзините 25.713 квадратни километри и популацијата од околу два милиона граѓани имаме по еден дипломат на секои 467 квадратни километри и на 34.545 жители. Kолку е тоа повеќе отколку во други земји најмногу се гледа на примерот на другите дипломатски претставништва, пишува весникот.

Од земјите во регионот највпечатливо е споредувањето со бројноста на американските дипломати во Бугарија и во Албанија. Kај нашиот источен сосед, кој е горе-долу како земја за околу четирипати поголема отколку што е Македонија, официјален Вашингтон испратил за трипати помалку дипломати отколку во Скопје. На платната листа на Стејт департментот секој месец за Софија се потпишуваат платните фактури за само 18 дипломати и дипломатски претставници. Тие ја покриваат бугарската територија што се простира на 110.879 квадратни километри, населена со околу 7 милиони жители. Или, гледано во просек, еден американски дипломат доаѓа на секои 6.159 квадратни километри и на 389.000 жители.

Слична е и споредбата со американската мисија во Албанија. Во Тирана се распределени 26 лица со американски дипломатски пасош, на територијата што е за само три илјади квадратни километри поголема од македонската, а на која живеат речиси три милиони луѓе. Односно, за еден милион повеќе отколку во Македонија, што значи дека еден американски дипломат „покрива“ територија од една илјада квадратни километри и 115.000 албански граѓани.

-Нелогичностите се уште поизразени и кога ќе се изврши споредувањето со земјите во кои САД испратиле речиси ист број или повеќе свои дипломати отколку во Скопје. Типичен пример во регионот за тоа е Србија, како и Турција. Во Белград, дипломатската мисија на САД брои вкупно 53 лица, што е помалку отколку во Скопје. Но, Србија како држава е значително поголема отколку Македонија – со површина од 77.000 квадратни километри и со население од речиси 7 милиони жители. Од ова произлегува дека по еден американски дипломат има на 1.430 квадратни километри и на 132.000 жители. Во случај на Турција, даночните обврзници од САД плаќаат 120 дипломати на популација од 80 милиони жители кои живеат на 783.000 квадратни километри – по еден на 666.000 жители и на 6.500 квадратни километри, пишува весникот.

Познато е дека новото дипломатско претставништво на САД во Скопје беше отворено во јули 2009 година, на големиот простор на скопското Kале. За импресивниот објект кој располага со површина од над 8.000 квадратни метри и има десетина објекти беа потрошени меѓу 60 и 80 милиони долари.

Во информацијата која тогаш ја објави германското радио „Дојче веле“ на македонски јазик беше наведено дека комплексот на Амбасадата има и неколку ископани катови под земја.

– Во Амбасадата на САД работат 300 луѓе и се претпоставува дека оваа амбасада е еден од новите центри на безбедносните агенции на САД за поширокиот регион – беше потенцирано во тогашниот извештај на дописникот на ова радио, Александар Чомовски.

Во Бразил по еден американски дипломати на четири милиони жители

Интересно е да се наведе и споредбата со бројот на американски дипломати во Бразил. Таму, на платната листа официјален Вашингтон има 51 дипломат, односно за 4 помалку отколку во Македонија. Од тоа произлегува дека Бразил има по еден дипломат на секои 4 милиони жители, а што е за 114 пати повеќе отколку што во Македонија.

САД имаат малку дипломати споредено со бројот на населението и во Австралија – 81 на 23 милиони жители, и во Шведска – 34 на население од десет милиони.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top