| четврток, 6 декември 2018 |

Нема договор, Црвенковски настапил со ултиматум за предверемени избори

Не е постигнат никаков договор на средбата меѓу Никола Груевски и Бранко Црвенковски. Преговорите пропаднале уште на самиот старт.

Лидерот на СДСМ настапил со ултимативно барање, за распишување на предвремени парламентарни избори, што Груевски го одбил. Со ова завршила денешната средба.

Според Груевски, средбата завршила уште пред да почне затоа што Црвенковски настапил со ултиматум – или предвремени парламентарни избори заедно со локалните или СДСМ ќе продолжи со бојкотот на Собранието и со уште пожестоки демонстрации. Тој рече дека сакал да разговара за прочистениот избирачки список и за препораките на ОБСЕ , но наишле на ултиматум.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на прашањето дали е можна втора лидерска средба рече дека не е против средби, особено кога треба некому да му помогне да излезе од ситуацијата во која се нашол. Претседателот на ВМРО- ДПМНЕ и премиер Никола Груевски рече дека ќе има локални избори и дека СДСМ не е единствената опозициска партија.

Тој ја отфрли варјантата парламентарните избори да се одржат истовремено со претседателските догодина.

Црвенковски изјави дека премиерот Груевски на опозицијата и понудил да се вратат во парламентот, што веднаш било одбиено, без да се исполнат условите за одржување на предвремени парламентарни и локални избори заедно.

Според лидерот на СДСМ, Груевски не може да се повикува на мандатот на оваа влада затоа што го изгуби во настаните од 24 декември, со кршење на Деловникот, Уставот и законите.

– Доколку Груевски го прифати нашето барање за предвремени параламентарни избори, тогаш ќе се создадат услови да се разговара за другите прашања, рече Црвенковски.

СДСМ меѓу другото бараше да се постават министри за правда финансии и полиција во Владата во кои и двете партии ќе имаат доверба, потполно да се применат препораките на ОБСЕ/ОДИХР и да се понесе одговорност за настаните од 24 декември во Собранието.

Средбата се одржа во Клубот на пратениците.

Со Груевски и Црвенковски на маса беа седнати и шефот на кабинет на премиерот, Мартин Протоѓер,  министерката за внатрешни работи и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Јанкулоска, како и Јани Макрадули, Емилијан Станковиќ и генералниот секретар на СДСМ Андреј Петров.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top