Нови шест автори ќе престојуваат во Скопје во рамките на резиденцијалната програма за автори и преведувачи од Југоисточна Европа „Апсолутно модерен“.
Меѓународното жири ги избра новите шест автори кои што годинава ќе престојуваат во Скопје, во рамките на резиденцијалната програма за книжевници под мотото „Апсолутно модерен“. Програмата е во организација на издавачката куќа Готен, а под покровителство на Европската мрежа за превод и книги Традуки.
Овогодинешните учесници се истакнати автори од регионот со богати резимеа, за чие гостување во македонскиот културен живот постои силен интерес кај читателската публика. Тоа се Наида Мујкиќ (Босна и Херцеговина) – поетеса и филмска критичарка, Антон Баев (Бугарија) – писател и колумнист; покренувач на неколку онлајн-весници и други иновативни книевни содржини, Мухамед Баздуљ (Србија/Босна и Херцеговина) – писател и новинар истакнат по своите храбри политички ставови, Елифе Красники (Косово/Австрија) – писателка, феминистичка активистка и истражувачка од областа на општествените науки и Неџат Ибрахимовиќ (Босна и Херцеговина) – писател, книжевен и филмски критичар, сценарист и автор на документарни филмови и Ренато Баретиќ (Хрватска) – писател и новинар, оосновач на култниот фестива Причигин од Сплит.
Секој од авторите ќе престојува во Скопје по еден месец во текот на оваа година.
Авторите ќе работат на своите дела и ќе се запознаат со книжевната, интелектуалната и културната сцена градејќи контакти и развивајќи ја соработката со македонската книжевност и култура. Притоа, тие ќе дадат свој активен придонес во културниот живот во Скопје и други градови преку јавни настапи и учество во културни настани со што ќе ѝ бидат поблиску претставени на домашната читателска публика.
Силниот интерес кој и оваа година беше пројавен со преку 50 пријави е говори за одличното реноме на проектот и доказ дека Македонија е привлечна земја за авторите од регионот што уште еднаш ја потврдува потребата од постоење на ваква резиденцијална програма. Од биографиите и писмата на интерес може да се заклучи дека меѓу авторите доминираат оние кои веќе имаат добра соработка со македонските издавачи и автори, потоа книжевници кои по разни поводи престојувале кратко во Македонија и тоа им останало во добро сеќавање, но и автори кои сакаат да ја искористат можноста првпат да ја посетат земјата и да ја запознаат овдешната книжевна сцена.
.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.