Најновата претстава на Битолскиот театар е „Смислата на животот“. Неодамна премиерно ја изведе ансамблот на театарот пред многубројната публика. Какви се Вашите впечатоци од премиерата?
Мицевски: Претпремиерата и премиерата на претставата „Смислата на животот“ предизвикаа голем интерес кај битолската публика, која ги исполни до последно место и двете изведби. Задоволен сум од резултатот што го постигнавме заедно со екипата како краен резултат и актерски и продукциски низ еден процес во кој мислам дека лично напредував како режисер. Впечатокот е дека публиката со големо внимание ја проследи претставата, сериозноста на темата со која се занимава, но реагираше и на моментите на хумор во неа. Мислам дека таа интерактивност ќе биде уште поголема во натамошните изведби и живот на претставата пред најразличните групи публика на кои се обраќа. Впечатокот и на авторот што присуствуваше на својата праизведба е дека тоа е една сериозна театарска продукција во која сите актери успеале да ги остварат своите ликови на непосреден филмски начин и трансформации што ги бара и самиот текст. Во една реченица да се добие чувство на тоа дека претставата претставува танго меѓу логорот на смртта и надежта на клиниката на д-р Франкл.
Секој драмски текст има своја порака. За што зборува текстот на оваа претстава и каква порака носи?
Мицевски: Текстот е инспириран од животот и од делото на Виктор Франкл, кој го преживеал холокаустот и ја создал логотерапијата, а се занимава со преиспитувањето на моралните вредности на човекот, барањето на смислата на неговиот живот и дело, за болестите на цивилизацијата, кои до денес не можат да се излекуваат, за тоа како еден човек може и треба да го направи светот подобро место за живеење. Со други зборови, за многу универзални теми што нѐ засегаат и овде и сега, исто како што ја засегаат и Бети, жената што доаѓајќи да бара помош во клиниката ја отвора Пандорината кутија на траумите од минатото.
Пораката на текстот е дека смислата на животот се менува од година во година, некогаш дури и од ден во ден, додека, пак, пораката на претставата е дека човекот често не извлекува поуки од грешките во минатото.
Како костимограф четврт век оставивте печат на речиси сите театарски сцени во земјава. Можете ли да издвоите некоја претстава што особено Ви е драга и Ви оставила впечаток при изработката на костимите?
Мицевски: Со оглед на тоа дека бројот на претстави за кои сум правел костими е, навистина, огромен тешко ми е да кажам кои ми се најдраги во смисла на тоа дека и тоа е нешто што се менува и зависи од многу фактори, посебно кога станува збор за нивната изработка. Сепак, тие што сум ги реализирал во Битолскиот театар најдобро ја отсликуваат мојата работа како костимограф. Мислам дека во однос на тоа, навистина, позначајна е мојата соработка со огромен број домашни и странски режисери со кои сум соработувал, како и со сите театри ,работилници и мајстори во Македонија.
Сепак, како перфектна изработка од сите аспекти на една костимографија би ги издвоил костимите за две претстави и за еден балет во Љубљана, кои беа реализирани во нивните ателјеа и со кои ме очекува соработка на нова опера оваа година, што ми е најголем предизвик и задоволство.
Ако веќе морам да одберам една костимографија тоа би била костимографијата за операта „Ромео и Јулија“ во Братислава каде што и по обем и по квалитет на изработка на костимите мислам дека сум го достигнал својот максимум до овој момент.
Инаку, за својата досегашна работа како костимограф многупати сум бил наградуван што, секако, се должи и на некаков квалитет.
„Битолски Шекспиров театар“ е Ваш проект. Во една пригода рековте дека Ви е најзначаен. Што да очекуваме годинава на фестивалот?
Мицевски: Битолскиот Шекспиров фестивал годинава ќе го има своето петто по ред издание во последната недела од мај и како за мал јубилеј ќе понудиме разновидна и богата програма со претстави од регионот и од светот. Како и секоја година, покрај постојните пријатели и поддржувачи на фестивалот, ќе понудиме и гости што за прв пат ќе настапуваат во нашата земја, но и нешто ексклузивно.
На мое огромно задоволство, фестивалот ќе биде отворен со претстава на големиот режисер Роберт Стуруа со театар од Тбилиси, Грузија. Ќе имаме претстави од Романија, Словачка, Америка, Црна Гора и од Македонија. Програмата е во финални договори така што конечната верзија ќе биде објавена наскоро.
Фестивалот од минатата година е член на Европската асоцијација на Шекспирови фестивали, па и интересот за гостување од година во година е сѐ поголем.
Разговараше: Невена Поповска
(Текст објавен во 236. број на неделникот „Република“, 10.3.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.