Игнорирањето на барањата на 100.000 македонски граѓани, кои секојдневно протестираат против албанската платформа и пристапувањето кон некаков план „Б“ за формирање влада (без мандат од претседателот), која треба да ги спроведе точките од платформата, очигледно, ќе бидат последните политички потези на Зоран Заев, кој е болен за власт. Неприфаќањето на понудата на Груевски да добие поддршка од 51 пратеник во замена за одбивање на ултимативните барања на албанските партии, кои водат кон распад на државата, е, можеби, најсилниот аргумент дека „враќањето на демократијата“ и „расчистувањето со криминалот на ВМРО-ДПМНЕ“ се само изговор, односно дека целата криза е само „чистење на терен“ за исполнување на главната цел на сценаристите – разнебитување на Македонија. Лажната самодоверба што му ја даваат „пријателите од надвор“ во насока на формирање влада по секоја цена само го забрзува процесот на неговото политичко самоубиство, а државата ја внесува во уште поголема криза, која може да доведе до сериозни последици за нејзиниот опстанок.
Притисокот од одредени дипломати врз претседателот Ѓорге Иванов, кои бараат од него да го додели мандатот, а истовремено одбиваат да ја осудат антиуставната платформа и мешањето на други држави во внатрешните работи на земјата, само ја потврдуваат пред народот неговата квислиншка улога и понизна сервилност кон одредени центри на моќ, кои од него, како иден премиер, очекуваат да го исполни планот за федерализација на Македонија. Впрочем, со неговото поставување на чело на предавничката влада сите негови помагачи очекуваат да добијат дел од колачот наречен Македонија, а сметката, се разбира, треба да ја плати македонскиот народ. Главен проблем во спроведувањето на сценариото им е токму народот, кој го истакнува својот непокор на улиците и порачува дека под ниту еден услов не прифаќа да се самопоништи.
Нечесното и кукавичко криење на деталите од договорот за спроведување на албанската платформа постигнат со ДУИ и очајните обиди преку јавни настапи да ја оправда неговата таинственост се аргумент плус за загрижените граѓаните, кои се сомневаат дека со него ќе се нанесат несогледливи штети на националните интереси. Се прашувам дали околу овој човек воопшто има некој нормален да му укаже и да го вразуми пред да биде предоцна или, пак, сите такви одамна се повлекле од партијата затоа што се плашат да му се спротивстават.
Со оглед на фактот дека Заев не покажува знаци на колебливост дали да се повлече од платформата, а уште помалку дали да прифати нови избори, сѐ поочигледно е дека ќе пристапи кон сценарио за формирање нелегитимна влада. Но, прифаќајќи да оди до крај во продажбата на државата, свесно ги занемарува предупредувањата на стручњаците дека формирањето влада без мандат е кривично дело и дека пратеничкиот имунитет во овој случај не важи затоа што за извршителот и за неговите соучесници законот предвидува казна затвор повисока од пет години затвор.
Заев мора да биде свесен дека прифаќањето вакво сценарио експресно ќе го седне на обвинителна клупа каде што ќе одговара за низа кривични дела и овој пат нема да има кој да го извади од затвор.
Залудни се надворешните притисоци врз претседателот Иванов од кого одредени дипломати бараат да даде мандат на влада што има намера да спроведе антиуставна платформа. Залудни се обидите и на Соросовите платеници да ги претстават остатоците од „чадорот“ како некаков меѓународен фактор кому треба и претседателот и народот да му покажат некаква покорност и сервилност. Залудни се сите обиди да го обесхрабрат народот да си ја одбрани државата.
Јавноста веќе добро знае дека меѓународната поддршка за Заев е токму од „пријателите од надвор“, кои изминатите три години го поддржуваа од сенка во уривањето на легитимната власт. Отпорот на народот сега ги натера странците да си ги нарушат комотните бирократски позиции изложувајќи се на директен удар од јавноста. Па така во очајно лоша балканска турнеја деновиве ја видовме Федерика Могерини. Некогаш младата комунистка, денес висока претставничка на ЕУ за надворешна политика, почувствува потреба да ни укаже да не си играме со оган, односно дека сме пред етнички конфликт и побара од Иванов да му го додели мандатот на Заев. Не ја интересираа аргументите на Иванов, ниту, пак, почувствува потреба да го слушне гласот на народот.
Високата претставничка на ЕУ воопшто не ни помисли да ја осуди албанската платформа и мешањето во внатрешните работи на Македонија од страна на Еди Рама. Дали е екстремно наивно да се очекува Могерини да го осуди потегот на нејзиниот близок пријател Еди Рама, проценете сами. Притоа треба да се има предвид дека овие двајца политичари се дел од низата дипломати што имаат сомнителни врски со СДСМ, а, во исто време, на некој начин, се поврзани или со Сорос или со „чадорот“ на Заев.
За Федерика Могерини, исто така, треба да се знае дека беше шеф на италијанската дипломатија во владата на поранешниот италијански премиер Матео Ренци кого Заев го споменува во писмото до Верушевски:
„Работата што ја чекаме од пријателите од надвор е завршена. Сите детали се прецизирани. Многу сум среќен поради тоа. Затоа што и амбасадорот, но и јас вклучивме луѓе на високи позиции од партијата на премиерот… кои се токму на општествени позиции врзани за проблематиката што ја разработуваме јас и вие“. Кои се „луѓето на високи позиции“ од партијата на Ренци и дали Могерини е меѓу нив, Заев ќе треба да одговори на суд.
Еди Рама, пак, е докажан пријател на Сорос и на администрацијата на Обама. Премиерот на Албанија е единствениот политичар од Балканот што присуствуваше на свадбата на Џорџ Сорос во 2013 година. Додека Рама ни ја пишува платформата, неговата поранешната сопруга, пак, Делина Фицо доби задача во наредните пет години да подели 9,5 милиони долари од УСАИД на Соросовите организации во Македонија, кои се декларираат како невладини.
Во меѓувреме, американскиот амбасадор Џес Бејли, кој до сега доби четири најави за истраги во врска со злоупотреба на пари од американски граѓани дадени за поддршка на левичарската СДСМ, очајно се обидува да ја убеди македонската јавност дека му дава поддршка на Заев во име актуелната власт во Вашингтон. За таа цел ги користи в.д. портпаролот од старата администрација, Марк Тонер, чиишто лични изјави Соросовите медиуми ги пренесуваат како став на Стејт департментот, и заменикот на помошникот на државниот секретар, Хојт Ли, кој деновиве побара формирање влада, но истовремено и најави „решавање на името за брзо членство во НАТО“, што, практично, значи промена на името и бришење на идентитетот! Со оваа изјава Ли само ја потврди крајната цел на сценариото. Сепак, македонската јавност, исто така, знае дека и Танер и Ли, како дел од старата администрација, која на големо се чисти од Стејт департментот, не ја претставуваат политиката на новата администрација на Трамп и во моментов не прават ништо, освен што чекаат решение за отказ.
Па, така, колку што овие „меѓународните фактори“ поотворено се мешаат во внатрешните работи на државата, колку што е посилен притисокот за формирање квислиншка влада и колку што е погласен нивниот молк за албанската платформа скроена во Тирана, толку отпорот на народот станува посилен, а нивните изјави понерелевантни, без никаква тежина за на кој било начин да ја потиснат волјата на граѓаните.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.