| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов контра туѓата платформа и потпалувачките изјави

 

Претседателот Ѓорге Иванов влезе во дипломатска офанзива. Преку писмо до членовите на Европскиот совет, претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и американскиот и турскиот претседател Доналд Трамп и Реџеп Таип Ердоган тој се спротистави на наметнувањето на Платформата од Тирана и потпалувачките изјави на политичките претставници од Албанија и Косово.

„Платформата е постизборен документ усвоен во туѓа држава во кабинет на странски државник и со посредство на премиер на туѓа држава. Со оваа платформа се загрозува сувереноста и независноста на државата, доведувајќи ја Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема друга држава. Реализацијата на платформата подразбира промени во Уставот на Република Македонија со кои би се загрозил унитарниот карактер на државата. Платформата го нарушува Охридскиот рамковен договор, кој ги регулира односите на етничките заедници со државата Република Македонија и нивните меѓусебни односи. Во спротивност со Охридскиот рамковен договор, платформата е дискриминаторска кон другите етнички заедници, бидејќи приоретизира само една заедница. Оваа платформа од Тирана дополнително ја дестабилизира внатрешнополитичката состојба и ги зголемува меѓуетничките тензии во Република Македонија“, напиша Иванов во писмото.

Со ова, Иванов се спротивстави на барањата од платформата за воведување на целосна двојазичност во Македонија. Според платформата „Уставот на Република Македонија треба да утврди дека македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и албанскиот јазик со неговото писмо се официјални јазици во Република Македонија”.

Хашим Тачи

Дополнително, со платформата се бара „сеопфатна дебата за знамето, химната и државниот грб на Република Македонија со цел државните симболи да ја рефлектираат општествената мултиетничност и етничката рамноправност“. Во документот договорен во Тирана, се бара и усвојување на Резолуција во Собранието на Република Македонија со која се осудува наводен геноцид врз Албанците во Македонија во периодот 1912-1956.

„Барам со внимание да ја разгледате вистинската реалност со која сме соочени и да се заложите оваа штетна платформа да биде јавно отфрлена и осудена од страна на Европската Унија и НАТО и нивните земји членки. Понатаму, очекувам да го осудите флагрантното мешање во внатрешните работи на Република Македонија од страна на два нејзини соседа – аспиранти за полноправно членство во Унијата. Конечно, очекувам да испратите силна порака до нашиот геополитчки ранлив регион за неповредливост на границите на Балканот и да ја реафирмирате европската и евроатлантската перспектива на земјите од регионот“, пишува македонскиот претседател во писмото.

Сали Бериша

На овој начин, Иванов ги отфрли потпалувачките изјави што доаѓаат од Тирана и Приштина. За потсетување, албанскиот премиер Еди Рама рече дека „без Албанците нема Македонија“, а косовскиот претседател Хашим Тачи повика „Албанците да ја земат судбината на своите права во свои раце“.

Rama

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top