Текот на планетарното политичко дејствување го диктираат светските центри на моќ, вели писателот и режисер Александар Русјаков за „Република“, според кој така било порано, така е сега, а така и ќе биде затоа што одамна престанавме да бидеме духовни битија.
– Политиката е континуитет, во неа нема случајности. Понекогаш тој континуитет е тинтрање (Грција), понекогаш е укинување до непостоење (Македонија). Нас во континуитет нѐ ништат, и кога сме сакале да создадеме држава и сега кога ја имаме. Особено сега, од независноста наваму. Во континуитет, чекор по чекор, од прифаќање на идиотското ФИРОМ, до Договорот од Пржино, а еве и создаванава платформа во друга држава со амин на поранешниот директор на ЦИА. Проблемот е што нашите дејци, револуционери, политичари секогаш дејствувале или прерано или предоцна. Кога битката е речиси загубена. Така е и сега. Предлогот на Груевски е добар, ама задоцнет. На сегашното најавено менување на Уставот, претходеше јасно, недвосмислено антиуставно дело наречено Договор од Пржино. Сите негови потписници извршија злосторство против државата. Затоа што или не ја познаваат светската игра на континуитет, или се страшливци или одработувачи. Човекот станува вистински човек кога ќе научи да го љуби својот непријател, без ова не сме луѓе, туку егоизам затворен во материја, вели Русјаков.
– Сега раката е подадена и велам, добро е тоа, но другата страна нема да ја прифати. Не затоа што, можеби, длабоко во себе не сака, туку затоа што не смее. Да му подадеш рака на Заев е исто како да му бараш извештај на портирот за работата на директорот. Заев ниту нешто смислил, ниту нешто спровел, ниту е на него да решава. На Заев, кога ќе стане власт ќе му биде дадена моќ да заработи или да се одмазди, понатаму нема да смее да оди. Тоа што го гледаме изминативе две години нема врска со Заев. Тој е тука затоа што ангажираните андроиди (странци) од страна на светските центри на моќ процениле дека тој е добар да биде маша што ќе го разбуричка жарот за да пламне. Толку. Како илјадници примери досега во светската историја. Затоа сето ова со понудата и нема некоја конкретна логика бидејќи, од другата страна, не одлучува човекот кому му е упатена, додава тој.
– Од СДСМ нешто глумат, демек не преговарале со криминалци. Па имаат бланко понуда дека ќе бидат власт, дека ќе имаат поддршка, па ќе можат имунитети да одземаат, а судот да суди. Нека ги судат криминалците без да ги удираат последните шајки во македонскиот идентитет. Е сега, бидејќи се дале под кирија, вадат флоскули за непреговарање со криминалци затоа што си мислат дека сите сме поминале процес на зомбификација својствена за некои невладини. Затоа што, замислете да ја прифати во форма каква што му е понудена, ем СДСМ на власт, ем смирување на страстите, ем една форма на почеток на семакедонско обединување. Е, ама да смее…завршува Русјаков.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.