Британската мега-популарна виолинистка Ванеса Меј првпат доаѓа во Македонија, каде што ќе се претстави пред публиката во СЦ „Борис Трајковски“ на 15 мај 2017 година во Скопје. Годинава тоа ќе биде нејзин единствен концерт во регионот. Концертот е во организација на „Прагма продукција“, а е поддржан од Министерство за култура на Република Македонија и Македонската филхармонија.
Ванеса Меј Венкорн Николсон професионално позната како Ванеса Меј е британска мега-популарна виолинистка.
Атрактивната и популарна виолинистка некогаш била нарекувана како „Чудо од дете”, а сега е една од најпознатите виолинистки на сите времиња. Позната е по спојот на техно и класичниот стил во своите изведби. Уште на свои 16 години ги поместува музичките граници кога го објавува албумот „Violin Player“ формирајќи необичен микс на џез, поп и техно звук, но се издвојува и по нејзините сценски настапи и необичен изглед. Албумот веднаш по објавувањето се нашол на топ-листите во повеќе од 20 земји од светот.
Првиот солистички концерт го има кога има само девет години, а на 10 веќе настапува со симфониски концерт. До нејзините 13 години веќе објавува три албуми.
Запишана е во Гинисовата книга на рекорди како најмладиот инструменталист што изведува виолиниски концерти на Бетовен и Чајковски.
Особено остава впечаток со нејзината изведба на „Toccata and Fugue” на Јохан Себастијан Бах во Де-мол, која е копирана низ целиот свет.
Ванеса е првиот изведувач на класичен инструмент, кој бил номиниран за престижните Британски музички награди за најдобар женски изведувач. Во 2006 година e рангирана како една од најбогатите млади изведувачи со заработка од 32 милиони фунти од концерти и продажба на 10 милиони албуми во светот, што е вистинска реткост за еден виолинист.
На своите концерти Ванеса свири на два типа виолини, и тоа, класичен модел на „Guadagnini“ од 1961 година, чијашто вредност се проценува на 150 илјади фунти и електрична виолина „Zeta Јеzz“, со чијашто комбинација приредува едно незаборавно уживање на публиката насекаде низ светот.
Билетите за концертот, кои се во ограничен број, ќе бидат пуштени во продажба од среда (8.3.2017 година), на сите продажни места на „Купи карти за сѐ“ низ цела Македонија, „Пола Југотон“ и цвеќарница „Розе“ – „Веро 2“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.