Пред Домот на културата во Кичево вечерва се одржа четвртиот протестен марш со кој граѓаните дадоа поддршка на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.
Даме Силјаноски, кој говореше во името на граѓанската иницијатива, ги повика сите граѓани без разлика на нивната партиска и етничка определба да застанат, како што рече, на вистинскиот пат.
– Пред три дена одовде ве повикав сите Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци и сите останати граѓани да застанеме во одбрана на унитарноста на Република Македонија. Од име на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија” ви благодарам и уште еднаш ги повикувам сите граѓани без разлика на партиската, етничката или друг вид определба заедно, сплотени, да застанеме на вистинскиот пат, рече Силјаноски.
Тој ги повика и политичарите кои сеуште не се оградиле од, како што посочи, штетната платформа, тоа да го сторат што поскоро.
Протестот заврши мирно со марш низ улиците на градот, а како што најави организаторот, собирите продолжуваат в понеделник.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.