Повеќе од 70 проекти содржат петте предлог мерки што ги подготви Организацијата на работодавачи на РМ за подобрување на бизнис климата во земјава, а кои се однесуваат на владеење на правото, лојална конкуренција, пристап до финансии, правната сигурност и претприемачката култура.
– На формулирањето на овие мерки и предлог-политики работевме подолг временски период, трпеливо слушајќи ги потребите на оние што инвестираат во развојот на бизнисот и креираат стабилност на работните места во земјата. Можам да потврдам дека овие предлог-политики ќе бидат основа за идното делување и дијалог со социјалните партнери што ќе го иницира Организацијата на работодавачи на Македонија заради унапредување на бизнис климата во земјата и зголемување на конкурентската способност на домашните компании – рече претседателот на ОРМ Ангел Димитров по денешното претставување на предлог мерки пред социјалните партнери.
Појасни дека секоја од предлог-политиките нуди препораки за подобрување на бизнис климата и оти тие ќе резултираат, но не само со измена на законски прописи.
– Во Македонија не значи дека само со штампање нови закони ќе ја подобриме бизнис климата, туку со подобра имплементација на законските решенија – рече Димитров посочувајќи го како пример Законот за безбедност и заштита при работа кој е добар но не ги дава ефектите, како и измените на Законот за прекршоци.
Во предлог политиките се содржани и мерки кои се однесуваат на малите и средните претпријатија, да се стимулираат не само странските, туку и домашните фирми, да се поттикнуваат младите на претприемништво…
Томе Петковски потенцира дека треба да се земат предвид сериозно предложените мерки кои ќе придонесат кон економски развој. Тој се осврна на нелојалната конкуренција на нејзино формализирање, како и изедначување на странските и домашните инвеститори.
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија Живко Митровски оцени дека се значајни предлог-политиките и мерките, бидејќи колку е подобра бизнис климата, ќе има повеќе профит за компаниите и бенефит за вработените.
Тој потенцира дека за синдикатите е значаен делот на мерките за овозможување правна и регулативна средина, каде фокусот е да се обезбеди дополнително влијание во работното законодавство каде би се додефинирале евентуални празнини.
Предлог мерките беа презентирани пред претставници на државни институции, социјални партнери и невладин сектор, а меѓу нив се оние кои се однесуваат на зголемување на транспарентноста и контролата на јавните набавки, зајакнување на квалитетот на инспекцискиот надзор, избегнување често менување на регулативата и намалување на административниот товар за нејзино спроведување, ревидирање на задолжителните трошоци за водење бизнис, зголемување на можностите за пристап на домашните компании до ЕУ-фондовите, развивање нови финансиски услуги и продукти, како и мерки за обезбедување ефективна поддршка на новосоздадените бизниси, наместо нивна пререгулација и ограничување.
Одговорајќи на новинарски прашања во врска со политичката криза, Димитров рече дека влијае на бизнисот. – Несомнено е дека политичката нестабилност лошо влијае на бизнисот. И на постоечките бизниси за развој и нови пазари, како и за евентуално новите инвестиции, истакна Димитров.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.