За хрватскиот пејач Златан Стипишиќ – Џибони нашиот Влатко Стефановски и неговиот сограѓани, сплиќанецот Оливер Драгојевиќ се фамилија.
„Фамилија“ е албумот на Џибони и Драгојевиќ кој утре во СЦ „Борис Трајковски“ ќе го промовираат на концерт кој почнува во 21 часот.
Иако двајцата неколкупати веќе гостувале во Скопје, никогаш немале заеднички концерт пред скопската публика. Заедничкиот материјал на Џибони и Драгојевиќ „Фамилија“, е снимен и инспириран од нивната животна приказна и случки. Албумот е сниман во студија во Лос Анџелес, Париз, Загреб и Риека и на него соработуваат врвни музичари како Пино Паладино, Ману Каче, Стив Стивенс, Матија Дедиќ, Мирослав Тадиќ, Елвис Станиќ…
„Фамилија“ својата службена концертна промоција ја доживеа на спектакуларниот концерт во Загреб. Ова е десетти студиски албум за 25 години исклучително богата кариера.
Токму Стефановски е изненадувањето кое беше најавено за скопскиот концерт.
– Јас не се врзувам за згради и улици, туку за луѓе, за храна и за музика. А кога доаѓам во Скопје, прва асоцијација ми се Гордана и Влатко Стефановски и затоа нив ги чувстувам како своја фамилија. Се разбира и Оливер. Ние во Сплит живееме многу близу, на околу 250 метри одалеченост. Но, кога и двајцата сме заедно на островот Корчула се гледаме секој ден- изјави Џибони.
Џибони со Стефановски се познаваат од 1987 година, а Драгојевиќ уште порано.
– Стафановски со своето семејство доаѓа на лето во Хрватска и јас тие неколку денови додека летуваме, се обидувам да му вратам за гостопримството – вели Џибони.
За утрешниот концерт се најавува вистински спектакл, кој ќе трае четири часа и на кој освен песните од албумот „Фамилија“ двајцата пејачи ќе ги изведат и своите хитови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.