Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини, денеска попладне ќе пристигне во Република Македонија во рамки на нејзината минитурнеја на Западниот Балкан.
Како што информираа од Европската комисија, во Македонија таа ќе се сретне со претседателот Ѓорге Иванов, со лидерите на политичките партии застапени во македонското Собрание, како и со студентите што партиципираат во „Еразмус“ програмата.
– За Европската унија, работата со земјите од Западен Балкан, регион што е во срцето на Европа, е клучен приоритет. Работам за да го видам секој од нашите пaртнери на Западниот Балкан како напредува на патот на реформите кон Европската унија, за да се осигури дека овој процес е неповратен. Регионалната соработка и добрососедските односи остануваат од суштинско значење во овој контекст, истакна Федерика Могерини спроти почетокот на минитурнејата на Балканот.
Могерини во Македонија, доаѓа од Босна и Херцеговина, а утре ќе биде во Белград, Србија, каде што ќе се сретне со претседателот Томислав Николиќ, премиерот Александар Вучиќ и други политички лидери. Подоцна истиот ден, високата претставничка за надворешна политика и безбедност ќе замине за Тирана, Република Албанија, каде што ќе се сретне со претседателот Бујар Нишани, премиерот Еди Рама и претставници на парламентарните партии.
В сабота на 4 март, Федерика Могерини ќе отпатува за Косово, каде во Приштина ќе се сретне со претседателот Хашим Тачи, со премиерот Иса Мустафа и други, а ќе го посети и реонот на Митровица.
По оваа посета на земјите од Западниот Балкан, Федерика Могерини се очекува да направи извештај за состојбата во регионот, кој потоа ќе биде разгледуван на Советот за надворешни работи на Европската унија во понеделник, а ќе биде тема и на Самитот на Европскиот совет закажан за 9. и 10. овој месец.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Могерини: ЕУ нема да биде целосна се додека земјите од Западен Балкан не станат членки
-
Хан: Граѓаните на Северна Македонија заслужуваат да добијат позитивни одговори за евроатлантските интеграции
-
Могерини: Двете страни не направија горди, нас, Европејците со вин-вин изборот
-
Могерини: ЕУ да отвори преговори со Македонија