| четврток, 6 декември 2018 |

Осуда од ВМРО-ДПМНЕ за нападот на новинарската екипа

ВМРО-ДПМНЕ принципиелно, како и досега, смета дека е крајно недемократски и непримерно да се напаѓаат медиуми и екипи поради нивното известување за настани и случувања, стои во соопштението од партијата со кое се осудува нападот врз новинарската екипа на порталот „А1Он“.

Од партијата велат дека се притив сите досегашни напади врз новинарски екипи.

„ВМРО-ДПМНЕ го осудува овој немил настан, исто како што претходно го осуди нападот на новинарската екипа на МРТ на митинг на СДСМ, нападите врз новинарите Антонио Димитриевски, Јанко Илковски, Дејан Николовски, Ивона Талевска, заканите по живот за новинарите на порталот Курир, демолирањето на РСМ и слични инциденти кои ги предизвикуваа членови, активисти и симпатизери на СДСМ“, се вели во реакцијата.

Бараат надлежните да го разрешат случајот.

„ВМРО-ДПМНЕ бара надлежните институции да го разрешат случајот и да ги санкционираат поединците кои го предизвикале овој инцидент“, се вели во соопштението од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ, додаваат дека нападите врз медиумите биле заштитен белег на хулиганите на СДСМ.

„Трагично е што СДСМ дури и кога се случуваат вакви инциденти мора да лаже и да ги злоупотребува. Нападите врз медиумите и новинарите беа заштитен потпис токму на хулиганите на СДСМ/Сорос кои демолираа медиуми. СДСМ треба да собере сили и да ги отфрли уцените кои внесуваат тензии меѓу граѓаните и носат ризик за дестабилизација на земјата“, стои во соопштението.

Од таму истакнуваат дека народот не прифаќа платформи креирани во Тирана.

„СДСМ треба да престане да оди спротивно на државните и националните интереси. СДСМ треба да види дека народот се буди и не прифаќа платформи од Тирана и редефинирање на државата. СДСМ треба да ја прифати подадената рака од ВМРО-ДПМНЕ. Ќе ја добие нашата поддршка само да се откаже од антидржавната агенда“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top