Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ вечерва на платото пред Домот на културата во Кичево одржа мирен протест на кој повика на разум, не на поделби, на развој, а не на стагнација, на отворање, а не затворање.
Во име на граѓаните беше побарано да запрат сите партиски превирања и несогласувања за, какошто беше посочено, да се оствари целта за која сите се залагаме – Македонија да остане унитарна, самостојна, суверена и независна.
– Цениме дека само на таков начин ќе имаме подобар и попросперитетен живот. Се срамиме од сите сценарија кои ги слушнавме изминатиов период и затоа сакаме да им застанеме на пат, ценејќи дека антимакедонската стратегија е стратегија против сите нас кои живејме тука. Ова е земја на сите и ќе биде земја на сите и каква што ни ја оставиле нашите предци така треба да им ја оставиме и на нашите деца, порача организаторите на протестот.
Кичево, нагласија, е град за пример за добар соживот не само во Македонија и Европа, туку и во светот и ги повикаа присутните на мирен и достоинствен начин да маршират низ улиците на градот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.