| четврток, 6 декември 2018 |

ЕУ одлучи: Во секој момент може да бидат вратени визите

Европската унија ја усвои регулативата со која, ако се јави потреба, привремено ќе се замрзне визната либерализација на земјите кои сега се на „белата“ шенген листа на Унијата, т.е. за чии граѓани не е предвидена виза. Тоа значи дека во случај на голем прилив на бегалци или мигранти од нашата земја во ЕУ Унијата или некоја земја членка моќе да побараат привремена суспензија на безвизниот режим. Регулативата ќе важи за 53 земји, меѓу кои е и Македонија. Тоа е финале на долгиот процес на корегирање на безвизниот режим што го почна ЕУ од поодамна, кој на почетокот се сфаќаше како враќање на визите откако еднаш беше донесена одлука за нивно укинување.

Според оваа нова регулатива, суспензијата може да се активира со известување на земја-членка или на ЕК, односно еврокомесарот за миграциски прашања и внатрешни работи Димитрис Аврамопулос. Ако просто мнозинство на земјите-членки го побара тоа, еврокомесарот и ЕК ќе треба да донесат одлука за привремено укинување на безвизниот режим за период од девет месеци. Во текот на овој период, Комисијата е должна да воспостави дијалог со засегнатите страни за да се поправат околностите и да се реши проблемот што довел до суспензија на безвизниот режим. Доколку проблематичните околности останат, Комисијата треба најдоцна два месеца пред истекот на деветте месеци да донесе делегиран акт за привремено укинување на визната либерализација за дополнителен период од 18 месеци..

Механизам за мониторинг е воведен со цел да се осигура дека земјите што добиле визно ослободување, продолжуваат да ги исполнува критериумите кои биле основа за доделување безвизен статус. Еврокомесарот Аврамопулос силно ја поздрави одлуката бидејќи според него ќе обезбеди посилна заштита на визната политика на ЕУ.

„Ревидираниот механизам значително ќе ја зајакне и ќе ја зголеми ефикасноста на политиката на либерализација на визниот режим на Унијата. Тој ќе ни овозможи да реагираме брзо ако настане ситуација која може да доведе до значително зголемување на илегалната миграција или зголемен ризик за внатрешната безбедност на земјите-членки“, истакна Аврамопулос. Министерот за внатрешни работи на Малта, која преседава со ЕУ, изјави дека визната либерализација носи големи предности за ЕУ и за третите земји, но дека во исто време Унијата мора да биде способна ефикасно да реагира во случаи кога не се почитуваат правилата.

„Ревизијата на механизмот за суспензија што го усвоивме денеска прави полесно да можеме да се справиме со злоупотребите на системот“, рече малтешкиот министер. Можните причини за суспензија на визната либерализација сега се проширени и вклучуваат намалување на соработка за реадмисија, значително зголемување на стапката на одбивање на барањата за реадмисија, вклучително и за државјани на трети земји во транзит, како и значително зголемување на ризикот за јавната политика или внатрешната безбедност на земјите-членки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top