Ниту една политичка партија да не прифаќа платформи создадени за туѓи интереси, во туѓи држави, без изборен легитимитет чија цел е разнебитување на Македонија каква што ја знаеме – порачаа од Граѓанската иницијатива за заедничка Македонија, која денеска објави проглас со кој се бара од политичките партии да го почитуваат уставот на Република Макединија и да се обврзат дека нема да работат на промена на името и суштината на нашата држава.
Уставот на Република Македонија, како што стои во Прогласот, е јасен и прецизен во однос на многу прашања кои се однесуваат на македонскиот идентитет и од него не се остапува.
– Македонија е модерна граѓанска република. Македонците, Албанците, Србите, Ромите, Бошњаците, Турците, Власите и другите живеат во единствената матична држава на македонскиот народ, се уште во 21 век е соочен со негирање и дискриминација. Бараме ниту една политичка партија во Македонија да не ја потхранува и уважува дискриминаторската политика на одредени земји, се наведува во прогласот.
На прес-конференција Прогласот го претставија Игор Дурловски, Александар Русјаков, Борис Дамовски, Елена Мисиркова и Богдан Илиевски од Граѓанската иницијатива за заедничка Македонија.
Мисиркова повика за семакедонско, сеграѓанско помирување и смирување на страстите за, како што рече, да го осознаеме она што е виш интерес за сите оние што живееме и твориме за и во Република Македонија.
Дамовски рече дека иницијативата ќе биде спроведена со мирен граѓански марш денеска во 17 часот пред Владата на Република Македонија.
– Ова е повик до сите граѓани на Република Македонија. Ги повикуваме сите учесници да се приклучат на мирен, достоинствен и неисклучувачки начин да ја искажат својата тивка демократска волја, изјави Дамовски.
Добредојдени се сите, посочи тој, се додека не се истакнуваат политички и верски симболи, како и да нема шовинистички и навредливи пароли.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.