Мекмастер не беше еден од главните кандидати што ги предложи администрацијата откако првиот избор на претседателот Доналд Трамп, пензионираниот вицеадмирал Роберт Харвард, ја одби понудата. За време на викендот претседателот Трамп интервјуираше тројца нови кандидати, заедно со привремениот вршител на должноста, пензионираниот генерал Кит Келог. Мекмастер беше еден од тројцата, заедно со поранешниот американски амбасадор во ОН, Џон Болтон, и генерал-потполковник Роберт Каслен.
Според соопштението на Белата куќа, Келог ќе продолжи да служи под раководството на Мекмастер како шеф на Националниот совет за безбедност.
Томас Рикс од „Форин полиси“ во понеделникот наутро предвиде дека Мекмастер ќе биде изборот на Трамп за советник за национална безбедност опишувајќи го како паметен, енергичен и жилав.
– Тој има добро борбено искуство, беше добар обучувач, го водеше Третиот оклопен воен полк во Ирак и особено помогна во воспоставувањето мир во Тел Афар, во западниот дел на Мосул – пишува Рикс додавајќи дека Мекмастер има голема поддршка од луѓето што работеле за него во минатото.
Мекмастер е автор на книга со стручна анализа на политичките грешки во поглед на поразот на САД во Виетнамската војна. Книгата тврди дека военото раководство треба да биде подготвено да им се спротивстави на цивилните политички лидери кога војната не се води успешно, а, исто така, го критикува и военото раководство дека за време на војната повеќе се занимавало со бирократските борби за власт.
Лидерството на Мекмастер во познатата Битка 73 источно во операцијата „Пустинска бура“ беше важен дел за повторно заживување на војската на САД, поетски опишано како „Истерување на духовите од Виетнам“ во тоа време. Во таа битка, американската војска ги порази далеку побројните ирачки сили со супериорна тактика, координација и технологија, без ниедна жртва. Во февруари минатата година Мекмастер напишал обемно објаснување за битката и за лекциите што може да се научат и да се применат при идни конфликти од национален интерес.
Тој е познат како поборник за силни конвенционални воени сили и за способност за кибернетска војна. Загрижен за намалувањето на работната сила и модернизацијата на опремата, минатата година тој го предупреди Сенатот дека многу потенцијални противници имаат поголема огнена моќ од Американците и дека Армијата ризикува да биде премала за да ја обезбеди нацијата. Една од лекциите што препорачува да се научат од Битката 73 источно, по една четвртина век, е дека американските сили никогаш веќе нема да имаат таква технолошка предност во однос на копнените сили на непријателот.
Еден од непријателите за кои Мекмастер е особено загрижен е Русија. Во мај 2016 година „Дифенс уан“ објави дека тој верува оти конфликтот во Украина открил дека Русите имаат супериорна артилериска огнена моќ, подобри борбени возила и дека применуваат напредни техники за управување со беспилотни летала за тактички ефект.
Мекмастер стравува дека американските воени планери вложуваат преголем напор за победа во дуелите со проектили со долг дострел, прогласувајќи ги таквите тактики за ограничена употреба за дисперзија, прикривање, мешање со цивилното население, можност да се наруши способноста на мрежата, прецизната навигација и временските способности што ги покажаа руските сили во Украина. Исто така, тој е загрижен за предностите на Русија во артилеријата на бојното поле, вклучувајќи ја и употребата на касетни бомби, термобарско оружје, електронско војување, повикувајќи се на извештаите за неверојатната ефикасност на Русија во исклучувањето на украинските тактички радија, беспилотни летала, па дури и електрични осигурувачи на нивните артилериски гранати. Според Мекмастер, опасно еродираат дури и фалените американски врвни технологии за воздушна надмоќ, тенкови и оклопни возила.
Извор: „Брајтбарт“
Превод: Ана Цветаноска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.