| четврток, 6 декември 2018 |

Заев ги продава националните интереси на своја рака

По неколкунеделното молчење на меѓународната заедница за платформата на албанските партии, која беше подготвена и потпишана под диригентската палка на албанскиот социјалистички премиер Еди Рама, странците конечно се одважија да кажат нешто за најновите барања на партиите на албанските Македонци. Според амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, меѓународната заедница не е фокусирана на платформата. Со тоа амбасадорот ни укажа дека само Зоран Заев сериозно ја прифатил играта на ДУИ, Беса и на Села и се согласил да преговара (и да прифати) за голем дел од неа

 

goran-momiroski-kol-90x115

Колумнист: Горан Момироски

Како се случи македонските политички субјекти да седнат на преговарачка маса за нешто што не е од интерес за Македонците, го игнорираат Американците и Европејците, а ни од далеку не беше дел од легислативата што произлегува од Охридскиот рамковен договор сѐ до отворањето на Зоран Заев на „Пандорината политичка кутија“. Американскиот амбасадор во Скопје ни дава јасен одговор на ова прашање за кое треба да бидат свесни сите во политиката. Тој индиректно ни кажа дека во овој случај ни САД ни ЕУ не вршеле притисок за прифаќање на нешто што е приоритет само за Албанците. Заклучокот до кој лесно може да се дојде ако се слуша Бејли, а и според однесувањето на европските претставници, е дека за разлика од, на пример, продолжување на рокот на СЈО, Брисел и Вашингтон воопшто не сакаат да разговараат за албанската платформа. Всушност, од наведеното може да се заклучи дека зад платформата, која како што веќе разбравме има разбирање меѓу СДСМ и ДУИ, стои само духот на Рамковниот договор кој, иако целосно беше вметнат во македонскиот Устав, сѐ уште продолжува да живее во главите на некои неодговорни политичари од албанскиот блок, но и во реалноста на некои македонски лидери.

 

Кој губи, а кој добива?

За ДУИ, односно за нејзиниот портпарол Бујар Османи, Македонците не треба да се противат на најновиот сет на албанските политички партии во Македонија затоа што со тоа не се одземале никакви права на Македонците. До некаде Османи е во право. На Македонците не им пречи тоа што албанските пратеници можат да говорат на својот мајчин јазик во Собранието, а некои од нив, како Талат Џафери, дури и со недели молчеа на албански јазик кога ДУИ се противеше на донесувањето закони што не им одговараа.

На Македонците, поточно на голем дел од нив, не им пречи ниту тоа што албанските граѓани можат слободно да го користат својот мајчин јазик во општините каде што се повеќе од 20 проценти, што е спроведено на нивно барање во 2001 година. Уште помалку некому му пречи фактот што во судовите Албанците можат да се бранат на својот мајчин јазик со цел полесно да дојдат до правдата.

Но, и Османи, и ДУИ, и сите албански партии треба да знаат дека многу им пречи тоа што голем број од албанските политички дејци и интелектуалци инсистираат на нешто што го нема во ниту една унитарна држава на светот. Како што на Албанците не им е јасно зошто на Македонците им пречи нешто од што тие „нема да загубат ништо“, ниту обичниот Македонец не може да разбере каков е интересот на Албанците од тоа што на граничниот премин „Делчево“ на таблата покрај пораката „Добре дојдовте во Македонија“, ќе стои и табла на која ќе пишува „Mirë se vini në Maqedoni“.

 

Федералните аргументи на албанските политичари и интелектуалци

За да се аргументираат овие барања, кои треба да доведат до користење на албанскиот како службен јазик насекаде низ Македонија, се користат примери како Швајцарија, Канада и Белгија. Со тоа албанските интелектуалци и политичари директно ни порачуваат како ја гледаат Македонија во иднина, а ако може и во сегашноста. Не како граѓанска, туку како федерална затоа што и Швајцарија и Белгија се федерални држави со устави кои се целосно поинакви од македонскиот уставен и политички систем. Друг силен аргумент, според албанските првенци, е Косово, каде што иако Србите биле само 3 проценти имале статус на државотворен народ. Притоа сите забораваат дека основач на поранешната покраина САП Косово е Република Србија, што и не е толку важно колку што е важно што тие права на Србите не им ги дадоа Косовците, туку меѓународната администрација.

 

Јазикот како комуникациски канал и како урнат мост за комуникација

Друг апсурд е идејата за која не се зборува, но е присутна во плановите на ДУИ, Беса и на Села и се однесува на барањето за воведување на албанскиот јазик како задолжителен за сите ученици во Македонија. Учењето на уште еден јазик само по себе е богатство за сите, но само ако можете да се апстрахирате од одбивноста на албанските политичари Албанчињата да почнат да го учат македонскиот јазик дури во четврто одделение и ако не живеат во мешана средина никогаш да не го научат добро македонскиот јазик. Доколку преговорите меѓу Заев и Ахмети завршат успешно за СДСМ и за ДУИ, а катастрофално за Македонија, македонскиот јазик како една од ретките заеднички нишки меѓу Македонците ќе исчезне затоа што ако има два официјални службени јазика со ист статус, не е логично Албанците да учат македонски јазик ако не мораат ниту Македонците да учат албански. За комуникацијата меѓу нив тогаш ќе се грижат преведувачи и странски олеснувачи или меѓу себе ќе говорат на англиски или на француски јазик.

Но, јазикот за кој сега преговараат Ахмети и Заев не е исклучиво комуникациска категорија. Јазикот во држава како Македонија, каде што политичките права зависат од статистиката, има и друга димензија, длабоко политичка и тесно етничка. Имено, замислете го нивото на асимилација кај Турците, Ромите, македонските муслимани, Бошњаците и другите кои како втор јазик го познаваат албанскиот или живеат во средини каде што се доминантни Албанците. Со воведувањето на албанскиот јазик како службен јазик на целата територија на Македонија ќе се случи опасен притисок врз сите помали етнички групи, кои не само што ќе бидат под притисок да го користат албанскиот јазик, туку и да се изјаснуваат како Албанци затоа што во Македонија и, генерално, на Балканот не е логично да го користите албанскиот јазик, а да сте нешто друго.

 

Во чие име говори Бејли?

Позицијата на американскиот амбасадор искажана на почетокот на овој текст е интересна и од аспект на силите што стојат зад неа. Што подразбира Бејли под меѓународна заедница? Дали е тоа комбинацијата од САД и од Европската унија без Албанија, која директно учествуваше во изработката на платформата? Дали се, можеби, само САД и Велика Британија, која веќе реши дека заминува од ЕУ и голем дел од својата политика, особено на Балканот, ќе ја координира со САД? Дали е тоа позиција на новата американска администрација, која за голем дел од надворешната политика има разлики со ЕУ и со Германија како движечка сила на стариот континент и во регионот? Ако се работи за првата опција, ќе беше добро Бејли да одговори зошто САД како незаинтересирани за платформата не му упатија порака на Еди Рама и тој да биде незаинтересиран за внатрешните пораки во Македонија. Или, пак, Бејли не може јавно да признае дека Тирана не сакала да ја чуе американската порака затоа што имало и други пораки што Рама можеби ги добил од други пријателски земји, некои од нив уште попријателски од сега незаинтересираните за платформата. Да беше американскиот амбасадор потранспарентен и поотворен за работите што нѐ интересираат, веројатно многу од овие прашања ќе беа беспредметни. Вака обврска е јавно да ги поставиме со надеж дека еден ден ќе дојде и објаснувањето.

 

Казните за предавство се сурови

Политичката реалност во Македонија може да нѐ доведе во ситуација Заев да формира влада и притоа да се согласи со барањата од платформата со објаснување дека „морало да се жртвува нешто за да падне режимот на Груевски“. Притоа, Заев и сите други што за ситни дневнополитички пазари си играат со македонскиот Устав и стабилност уште еднаш мора да бидат потсетени дека за штетата направена врз македонската држава, дури и олку слаба и понижена, ќе одговараат пред два суда. Едниот е судот на историјата, а другиот е народниот суд, каде што нема ниту проштевање, ниту помилување, ниту условна казна. Истото важи за сите македонски политичари, и за Груевски, и за Иванов, и за Амди Бајрам, и за Иван Стоиљковиќ и за Ивон Величковски. Македонскиот народ знаел да биде и широк и отворен, да биде и солидарен и да помага. Македонскиот народ знаел и да згреши, особено на избори, но, пред сѐ знаел да ги награди тие што мислат на неговиот интерес, како што знае сурово да ги казни тие што со предавства ја решаваат сопствената импотентност на сметка на тешкостекнатата држава.

(Текст објавен во 234. број на неделникот Република, 24.02.2017)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top