
Германската полиција во сојузната земја Долна Саксонија во четвртокот уапси припадник на исламистичка групација за кој постојат сомневања дека подготвувал бомбашки напад врз припадниците на полицијата и на војската.
-Во станот на уапсениот 26-годишник од местото Нортхајм откриени се хемикалии и електронски делови потребни за изработка на експлозивни направи. Според сопствено признание, осомничениот планирал полицајци или војници да намами во замка, и да ги усмрти со експлозивна направа- соопшти државното обвинителство во градот Целе.
За осомничениот е познато дека е германски државјанин и дека се движел во екстремни исламистички кругови, односно дека му припаѓал на ткн братство на салафитите.
Пред околу две седмици во истиот дел на Германија беа уапсени двајца припадници на екстремната исламистичка заедница за коишто, исто така, полицијата се сомнева дека подготвувале терористички напади. Имајќи предвид дека за овие двајца не можело да се докаже дека подготвувале конкретен напад, против двајцата не е покрената кривична постапка, туку само постапка за нивно протерување од Германија, имајќи предвид дека станува збор за државјани на Нигерија и на Алжир.
Германската влада неодамна донесе одлука според којашто лицата коишто немаат право на престој во Германија и чекаат да бидат протерани, а припаѓаат на групата лица кои се сметаат за потенцијално опасни, во иднина ќе мора да носат електронски белегзии за да може да се следи нивното движење.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


