Деновиве фондацијата „Отворено Општество“ и целата мрежа на Сорос се ставени во функција да најдат голем меѓународен медиум кој би пишувал во одбрана на Сорос и УСАИД во врска со случајот на можни злоупотреби на пари на американските граѓани преку Сорос, УСАИД и американската амбасада во Македонија, објави порталот „Курир“.
Според порталот, оваа панична реакција и барање на голем медиумски партнер „под дрво и под камен“ доаѓа по големиот публицитет кој го доби можната злоупотреба на позиција и пари во спрегата Сорос-УСАИД-Американска амбасада во Македонија, за која пишуваа најголемите американски медиуми како Фокс и Брајтбарт.
Темата иницијално беше поттикната од активностите на движењето „Стоп Операција Сорос“ кое се бори против странски влијанија преку фондации и амбасади во насока на нарушување на суверенитетот на Македонија.
Откако беа презентирани повеќе докази за потенцијална злоупотреба, за оваа тема се разбуди интересот кај неколку американски конгресмени кои не штедеа на зборови за да ја адресираат својата загриженост од можните злоупотреби извршени од страна на американски официјални претставници во странска земја, како и одлучност и најава за институционална разрешница на случајот, преку истраги и инспекции.
Некои од конгресмените дури и покренаа истраги за работењето на Американската амбасада во Скопје која се сомничи дека насочувајќи пари на невладини кои се под капата на Сорос/СДСМ застанала на страната на една политичка партија во Македонија.
Тие не штедеа на реторика во нагласувањето дека доколку тоа се докаже како точно, ќе повлече санкционирање на персонал од амбасадата на САД во Скопје.
Конгресмените најавија исто така дека со цел темелно истражување на овие основани сомнежи, ќе бидат активирани и Генералниот инспектор и Генералната канцеларија за сметководство на САД.
Поради добиените димензии и сериозноста, за случајот се заинтересираа и голем број на медиуми во Америка меѓу кои и телевизијата со рекордна гледаност „ФОКС“ која ги анализираше сомнежите за работењето на амбасадата во Македонија во неколку наврати. Истото го направи и третиот најчитан информативен портал во САД Брајтбарт чиј главен уредник беше Стив Банон, се до моментот кога стана главен советник на Доналд Трамп.
На темата за потенцијалните малверзации на релација Сорос-УСАИД-Американска амбасада во Македонија меѓу другите пишуваа и зборуваа и „Хот Ер“ – портал со огромна популарност преку Атлантикот, десничарскиот важен „Дејли Сигнал“, еден од најчитаните сајтови „Дејли Колер“, мега-популарното радио на Тони Перкинс и Советот за семејни истражувања – едно од најслушаните радиа во Америка со исто така милионска публика.
Токму поради магнитудата која ја зафаќа овој случај, од добро информирани извори во САД дознаваме дека со зголемен интензитет Соросовата мрежа е во потрага по медиумски партнер кој ќе парира на негативниот публицитет кон Сорос, УСАИД и одредени официјални претставници на САД во Македонија, презентирајќи ја добропознатата соросова мантра дека тие се тука за да помагаат на сиромашните, беспомошните и емнаципираните.
Целта на соросовата пропаганда за која се бара меѓународен партнер е да се одговори на светско ниво на се погласните муабети за недозволено однесување на официјални претставници на САД во Македонија, заземање политичка страна и директно мешање во внатрешните работи на Република Македонија.
Досега многуте соросови портали и неколку телевизии беа одбраната на Сорос за овие обвинувања, се до моментот кога „С.О.С“ не се впушти во пожестока иницијатива која резултираше со активирање на интересот од апсолутно најгледаните, најчитаните и најслушаните американски медиуми, кои го отворија прашањето дали пари на американските граѓани се користат за непримерно и недозволиво помагање на една политичка опција во Македонија и дали нивниот амбасадор заземал страна и се мешал директно на политичката сцена во една странска држава.
Откако сфатија дека појавата на една од странките која е предмет на истрага на една државна телевизија во Македонија сепак е недоволна за да се токми со еден „Фокс“ и „Брајтбарт“, соросовата мрежа го активираше планот Б – наоѓање на „релевантен“ голем медиум кој ќе ја шири соросовата пропаганда на светско ниво. Резултатот од оваа потрага ќе го видиме наскоро.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.