| четврток, 6 декември 2018 |

10 метри високи и 20 метри долги – Кина ги довршува градбите во морето во кои може да има ракети

Кина речиси ја заврши изградбата на дваесетина објекти на вештачките острови во Јужното Кинеско Море кои изгледаат како во нив да има ракети со долг дострел, изјавиле американски безбедносни извори за Ројтерс.

Градбите веројатно ќе предизвикаат прашања околу тоа дали и како ќе реагираат САД имајќи го предвид нивното ветување за поцврст однос кон Кина во спорното море.

Кина тврди дека има суверено право на речиси целото Јужно Кинеско Море низ кое се одвива третина од светскиот поморски сообраќај. Брунеи, Малезија, Филипини, Тајван и Виетнам исто така сметаат дека имаат свои права. Администрацијата на Трамп кинеското градење вештачки острови во морето го нарече нелегално.

Изградбата на објекти со покрив кој може да се отвори на гребените Суби, Мисчиф и Фајери крос, дел од синџирот околу островите Спратли каде Кина веќе изгради воени аеродроми, може да се смета за воено заострување, изјавиле американските воени експерти под услов да останат анонимни.

„Кинезите во Јужното Кинеско Море не градат обични објекти, а овие градби личат на силоси за батериите САМ, па логичниот заклучок е дека тоа е нивната намена“, изјавил анонимен претставник на американското министерство за одбрана.

Друг извор кажал дека градбите се долги околу 20 метри и високи 10 метри. Тие се најверојатно наменети за проектили земја-воздух кои ќе го засилат кинескиот одбранбен „чадор“ над спорните острови. Американскиот воен експерт изјавил дека објектите не претставуваат поголема воена закана за американските сили во регионот, имајќи ги предвид нивните видливост и ранливост.

„Логичниот заклучок е дека нивната изградба е политички чин, нешто што би ја тестирало реакцијата на Трамповата администрација, но не би требало да води кон воено заострување во клучната стратегиска област“, заклучува експертот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top