До 3 мај 2017 трае повикот на Фондот за иновации и технолошки развој за поддршка на заинтересираните стартап претпријатија кои може да аплицираат за грантови до 30.000 евра за да развијат иновативно решение со глобална перспектива.
Успешен корисник на таков грант е компанијата „Вејпр апликации“ ДООЕЛ. Постои околу две и пол години и била формирана со намера да развие софтверски производ за средни компании, кој значително им ја олеснува ИТ-администрацијата и интеграцијата на нивните основни ИТ-системи.
– Софтверот го решава проблемот на приватен клауд, односно за брзо време можеме да подигнеме готови, интегрирани апликации кои им се потребни на речиси сите средни компании. Софтверот е отворен и ние наплаќаме од одржување, поддршка и кастомизација. Голем бенефит за компанијата беше што го добивме кофинансирањето од страна на Фондот за иновации, затоа што ни помогна да го довршиме развојот на нашиот софтвер и да можеме поактивно да го нудиме и да го продаваме, изјави Љупчо Вангелски, управител на „Вејпр апликации“ која денеска ја посетија заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски и директорката на Фондот, Јасмина Поповска.
Вангелски истакна дека денес е многу тешко без финансиска поткрепа да се развие компетитивен производ кој ќе се продава и на странски пазари. Но нивната идеја успешно се реализира, па веќе имаат соработка со странски инвеститор кој им отвора можност за директна продажба во Холандија, Германија и во Белгија.
– Наша следна цел е да излеземе надвор и да продаваме во странство, рече Вангелски.
Поповска ги повика стартап-компаниите кои се заинтересирани да аплицираат на повикот да го следат примерот на „Вејпр“. Таа соопшти дека покрај стартапите, со овој повик предвидена е и поддршка за десет микро, мали и средни претпријатија кои сакаат да направат комерцијализација и иновација, кои веќе имаат некаков прототип и со поддршка на Фондот сакаат да настапат на пазарот.
– За овој тип поддршка предвидени се 100.000 евра по проект и тука очекуваме дека десет компании ќе бидат поддржани. Фондот интензивно работи со корисниците и за време на имплементација на средствата, зашто не е лесно откако ќе ја добијат идејата да се преточи во готов производ и да се најдат потенцијалните купувачи. Затоа им даваме техничка помош, консултантски и менторски услуги за да им олесниме подобро да опстанат и по завршување на поддршката од Фондот, рече директорката на Фондот.
Ристовски информираше дека преку Фондот и Владата во изминатиот период се распределени 1,5 милиони евра директна поддршка за иновациите во Македонија.
– Со зголемен интензитет продолжуваме и оваа година – за која се планирани 3,7 милиони евра за поддршка на иновации. Во моментов е актуелен четвртиот оглас на Фондот за иновации и технолошки развој за кој на располагање се 1,45 милиони евра директна поддршка за развојот на иновациите во Република Македонија. Ова е доказ дека Владата, МОН и Фондот се исклучително посветени на развојот на иновациите, не само на целокупниот бизнис-сектор. Само на овој начин може да се биде конкурентен на домашен, но и на меѓународен план, истакна Ристовски при посетата на стартап-претпријатеието корисник на грант од Фондот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Четири компании поврзани со функционери нема да добијат пари од Фондот за иновации, останатите добиле договори за одобрените пари
-
Не престануваат скандалите: Синот на посебната советничка Ленче Николовска ангажиран во Фондот за иновации
-
Весна Кузмановиќ не е ангажирана во Фондот за иновации
-
Фирми на луѓе од СДСМ добија 776.000 евра државни пари- дополнителни 35 милиони евра за сомнителниот тендер за реагенси